Кривичниот суд – Скопје го прогласи за виновен и му додели казна од 9 години затвор за предметот „Меѓународен сојуз” на првообвинетиот се Бојан Јовановски – Боки 13.
Виновни се и обвинетите Јасна Мандиќ, која доби 4 години затвор, Кристина Блажевска доби една година затвор, како и таткото на Боки, Миле Јовановски, кој доби условна казна две години.
Поранешната министерка Фросина Ременски е ослободена од обвинението.
Судењето за овој предмет го водеше судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на обвинението беше обвинителката Ивана Трајчева.
Според обвинителниот акт, во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација Меѓународен сојуз, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од посочената НВО и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719 905 евра, односно 233 821 евра во денарска противвредност.
Бојан Јовановски-Боки 13 беше прогласен за виновен и во случајот „Рекет“ за кој доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.