Докторот Нико Беќаровски кој работи на Клиниката за Токсикологија се огласи на социјалните мрежи откако вчера беше прозван од организациската директорка на Клиниката, Бесија Иљази.
„МАЈСКИ МОДНИ ТРЕНДОВИ. Created by New Kids in the Town“, објави докторот, покрај фотографија со момче кое има лепенки на устата.
Во коментар под фотографијата, Беќаровски додава: „Другарице и другови, напали ме ови информбировци, као да је 1948“.
Ваквата реакција следува откако вчера Иљази порача дека Беќаровски „дреме на социјалните мрежи и пласира невистини во медиумите“.
„Од страна на некои лекари кои не се повеќе од пет или шест, се испорачуваат невистини во медиумите. Во јавноста се добро познати по скандали и дезинформации и се нарекуваат доктори на Фејсбук зашто цел ден го поминуваат своето работно време на социјалните мрежи и не прават ништо. Времето на Нико Беќаровски, докторот од времето на друже Тито помина и тој не може да се помири со оваа реалност. Затоа постојано создава забуна во јавноста. Новите наредби и поредок што ги воспоставив го попречуваат него и неговиот клан кои се навикнати да работат според нивните навики“, му кажала Иљази на новинар.
Таа додаде дека разрешениот директор доктор Данил Петровски еден ден пред таа да стане организациска директорка си ја вработил снаата.
„Како можеше да си ја вработи снаата на 13 февруари 2024 година, ден пред моето доаѓање на функцијата, а немаше можност да го вработи биологот и 18 лица кои со години се вработени овде? Ги прекрши сите законски норми, ги држеше да работат без договори и без плати, ги тераше на дежурства и така продолжи до моето доаѓање. Сега кога го решивме нивниот проблем, тоа стана „голем проблем“, додаде Иљази.
Во меѓувреме, од понеделник 18 вработени добија договори за работа кои ќе бидат на работа до 31 декември, а платите ќе ги земаат од средината на април, кога е дадена согласност за вработување.
Вработените на Клиниката вчера ги дочека нова вест. На огласната табла наредба од организациската директорка за забрана за давање изјава за што како што пишува би се нанело штета на интересите и угледот на клиниката.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди, како што рече, обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Иљази.
Од Здружението нагласуваат дека ваквата наредба претставува кршење на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Најавија и формално обраќање до ресорното Министерство и барање одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба, за што се побара и итно повлекување.