Познатата италијанска актерка Џина Лолобриџида почина на 95-годишна возраст, јави Анса.
Лолобриџида се прослави во 1950-тите како медитерански секс симбол, а подоцна работеше како фоторепортер и скулптор откако го напушти светот на филмот, објави Ројтерс.
Некои од нејзините најзабележителни филмови се: „Леб, љубов и соништа“, „Кралот, кралицата и слугата“, „Сервантес“, „Трапез“, „Царската Венера“, „Звонарот од Нотр Дам“.
Нејзината филмска кариера почнала да бледнее во втората половина на 1960-ите, по што повеќе се посвети на фотографирањето, вајарството и политиката.
Во август минатата година, Лолобриџида се кандидираше за сенатор на претстојните национални избори на крајот на септември. Таа беше номинирана од предизборната листа Суверена и народна Италија, која ја поддржуваат Комунистичката партија, Социјалистичката партија, движењето Граѓанска акција, Сè уште е Италија и Да се врати Италија.
Лолобриџида, која ја напушти седмата уметност пред околу 30 години, учествуваше во 1999 годинa на изборите за Европскиот парламент, но не беше избрана, бидејќи имаше едвај 10.000 гласови.