Маркетите и дистрибутерите на храна имаат залихи за 30-45 дена, како во редовни услови. Им порачуваат на граѓаните да не паничат, да бидат релаксирани и да водат сметка единствено за своето здравје.
Како што соопштија денеска нивните претставници по работниот состанок со министерот за економија Крешник Бектеши, засега цените на производите не се менуваат и остануваат на нивото како досега..
-Ги координираме сите активности за нормално фунцкионирање, работиме максимално на заштита на условите на работа на сите наши вработени, но и на потрошувачите. Во постојан контакт сме со добавувачите и правиме максимални напори за снабдување на дефицитарните производи. Апелирам дека нема потреба од паника, работиме интензивно. Сите потреби ќе бидат намирени, истакна претставникот од „Веро”.
И според претставникот од „Тинекс”, нема простор за паника.
-Состојбата е под контрола. Нема апсолутно причина за паника, за купување залихи. Нашите залихи се за 30 – 45 дена, во редовниот обем. Трговците и државата стојат зад нас, охрабрени сме. Сакаме да ги релаксираме потрошувачите, сите стратегиски артикли ќе ги има во доволни количини, напомена претставникот на „Тинкес”.
Инаку, Владата доцна синоќа донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.