Другарите на убиениот Пинета Секондо – Пино денеска сведочеа во Кривичниот суд, каде што првообвинет е Фуркан Али кој е во бегство, а второобвинета е Ангела Ѓорѓиевска.
Пријателот кој бил со Пино на неговиот роденден, сведочеше дека Ангела му се јавила на Пино вечерта на роденденот.
“Сакала да се тепа со некои девојчиња, па ѝ требала некоја кола за да ја стави таа личност во багажник – рече тој.
Пино на ова рекол дека нема пари и гориво за да оди во Ѓорче Петров, бидејќи било доцна навечер, а и не му се влегувало во проблеми, кажа сведокот. Тој веднаш по исчезнувањето на Пино ѝ пишал на Ангела за да се распраша за случајот, а таа одговорила дека не е информирана и по некое време го блокирала.
“Ми изгледаше чудно што не сакаше да помогне да го најдеме – рече тој одговарајќи на адвокатско прашање.
Тој се распрашувал кај луѓето што ја познавале Ангела.
Едно девојче кое учело заедно во основно училиште со Ангела ми рече дека е многу ризично човек да се дружи со Ангела, бидејќи е подготвена на се, па и на убиство – рече сведокот, кој никогаш ја немал видено Ангела лично, но распрашувајќи се за неа добил впечаток дека таа се дружи со девојки кои употребуваат со психотропни супстанци.
Друг другар на Пино, денеска сведочеше дека Ангела првпат ја гледа во живо во судницата.
‘Пино еднаш ми ја има покажано Ангела на слика – рече вториот сведок одговарајќи на адвокатско прашање.
“ Со Пино бевме како браќа. Тој секој втор ден знаеше да наврати кај мене. Знаевме да излеземе и на кафе, ама повеќе сме се занимавале со автомобили. Тој беше прекрасен човек и незаменлив другар – рече тој.
Одговарајќи на адвокатско прашање рече дека не знае ништо во врска со убиството на Пино.
Судијката Ленка Давитковска следното рочиште го закажа за 17 февруари.
Извор: НоваМакедонија.мк