Планински лав нападнал петгодишно момче во калифорнискиот град Калабасас додека тоа си играло во дворот, објавија американските медиуми.
Животното тешка 30 килограми го грабнало и влечело момчето околу 40 метри низ ливадата во дворот, изјавил за новинарите Патрик Фој, портпарол на Калифорниската управа за риби и диви животни.
Момчето се здобило со значителни повреди на главата и торзото, но е во стабилна состојба во болницата во Лос Анџелес, додаде Фој.
„Вистинската хероина на оваа приказна е мајката на момчето, таа го спаси животот на нејзиниот син“, рече Фој на прес -конференцијата.
Имено, мајката во тоа време била во куќата.
“Кога слушнала крици од дворот, таа истрчала и со голи раце го нападна планинскиот лав. Го удри и го избрка од момчето”, рекол Фој.
Родителите веднаш го пренеле момчето во болница, а вработен во администрацијата на дивиот свет отишол во куќата каде што се случил нападот и го застрелал планинскиот лав, кој што се криел во блиската грмушка.