Заробениот командант на специјалната единица Азов, Денис Прокопенко, преку телефон накратко разговарал со сопругата Катерина, јавува дописникот на британскиот Гардијан од Киев.
Прокопенко и рекол на сопругата дека затворениците не биле изложени на насилство, но не може со сигурност да се каже дали командантот на Азов може слободно да зборува.
-Кога го прашав како е ми рече „ок“. Слушнав од други извори дека условите во кои се држат се задоволителни. Кога тој ме праша како сум јас, врската се прекина – изјавила Катерина Прокопенко за Гардијан.
Телефонскиот разговор бил возможен поради договорот меѓу владите на Украина и Русија и благодарение на посредништвото на Црвениот крст кој посетил дел од украинските борци кои се предале.
Инаку, Русите на 21 мај објавија дека целосно ја презеле челичарницата Азовстал. Тогаш последната група бранители на Азовскиот полк се предаде.