Килијан Марфи (47) дефинитивно е актерот за којшто најмногу се зборуваше годинава. Тој брилираше во главната улога во филмот на Кристофер Нолан – „Oppenheimer“, што му донесе номинација за речиси секоја награда во светот на кинематографијата, вклучувајќи ја и онаа за Оскар.
Тој доби „Златен Глобус“, „БАФТА“ и „САГ“ награда, а вчера се закити и со златната статуетка – „Оскар“.
Килијан оваа плодна година ја заклучил со најважната филмска награда, но да ја запознаеме и неговата сопруга Ивон Мекгинис (51), жената која со него е во љубов од 1996 година.
Мистериозниот Ирец со специфична харизма благодарение во улогата на серијата „Peaky Blinders“ стекна планетарна слава, но без оглед на тоа не се знае многу за неговиот брак со четири години постарата визуелна уметница Ивон.
Всушност, пошироката јавност првпат имаше можност да ја види неговата сопруга на доделувањето на „Златните глобуси“ во јануари годинава.
На истото доделување Марфи во победничкиот говор изјави: „Ова е за моето семејство, јас сум најсреќниот човек и ве сакам“.
На истиот настан камерите го забележале симпатичниот момент кога сопругата го бакнала на носот откако беше прогласен за победник.
„Прво прашање, дали имам кармин на носот? Сакав да го оставам“, изјавил Килијан, откако се качил на сцена.
28 години љубов, две деца и семејна идила далеку од рефлекторите на Холивуд
Парот е во брак од 2004 година, но заедно се речиси 30 години, значи повеќе од половина живот. Сепак, тие успеале да го зачуваат својот приватен живот далеку од очите на јавноста и само за себе.
„Таа рамнотежа меѓу работата и приватниот живот е тешка. Имам неверојатна сопруга и не би можел ова да го направам без неа и нејзиното разбирање. Но, тоа е борба“, изјавил актерот во 2019 година за „GQ“.
Нешто слично повторно кажал кога гостувал во една радиска емисија во февруари годинава:
„Важно е да имате сигурна и цврста основа. Мора да го имате тоа сигурно место. Јас секако го имам. Тоа е како остров на удобноста и леснотијата. За мене тоа беше пресудно. Не би можел да направам ништо и што направив да не беше тоа“.
Килијан и Ивон се запознале пред тој да се прослави, односно во 1996 година кога се придружил во екипата на претставата „Disco Pigs“ која во 2001 година била адаптирана и во филм. Актерот во 2016 година во интервју за „The Guardian“ се осврнал на улогата, но и на тој период од животот.
„Беше тоа како повторно да сум во бенд, но луѓето навистина доаѓаа на претставата. Тоа време, кога ја правевме претставата, на некој начин беше најважниот период во мојот живот. Луѓето кои таму ги запознав останаа мои најблиски пријатели. Тие ме обликуваа во смисла на вкусот, во смисла на она што сакав да го правам во животот. Во тоа време ја запознав и својата сопруга. Одеше со нас на турнеја. Беше толку возбудливо, сите бевме деца, се обидувавме да го најдеме патот“, раскажал актерот.
Сопружниците имаат двајца синови – Малаки (18) и Аран (16).
Семејството Марфи со години живеело во Лондон, но на крај одлучиле да се преселат во Даблин, а актерот истакнал дека тој и неговите синови сакале да бидат вистински Ирци.