Откако се породи, критиките на сметка на изгледот на Адријана Лима не стивнуваат.
На почетокот беше критикувана за вишокот килограми, без разлика што тоа е сосема нормална промена кај секоја жена која родила, а неодамна јавноста ја обвинуваше и за естетски корекции.
Можеби најмногу прашина се крена кога Лима се појави на премиерата на филот The Hunger Games: The Ballad of Songbirds & Snakes.
На настанот, моделот носеше краток црн фустан со црвени детали и црвени чевли. Од фотките е очигледно дека се вратила во форма, а се забележува разлика во нејзиното лице кое изгледа малку потечено.
Сега, пак, во интервју за Harper’s Bazaar, таа прозборе за најновите фотографии и критиките.
„Не ми пречат критиките воопшто. Навистина сум силна кога станува збор за тоа и искрено, се погледнав пред да излезам и се чувствував одлично.
Бев со моите деца, ме погледнаа и ми рекоа: ’Мамо! Изгледаш многу убаво‘“.
Сепак, Адријана вели дека и самата била изненадена од фотките од премиерата.
„Се шокирав кога ги видов. Си помислив дека тоа не сум јас. Ми беше чудно бидејќи јас не се гледам себеси така. Сè уште не се гледам на тој начин… Можете да се гледате себеси поразлично. Но, ништо не ме навреди – всушност, се смеев.
Факт е дека јас немам 16 години. Ја почнав кариерата на 16, но никогаш повеќе нема да имам 16. Имам 42 години и сум посреќна од кога било, задоволна сум од себе. Ја прифаќам мојата возраст и нема да се променам за никого“.
Сепак, Адријана истакнува дека се плаши за нејзините деца, односно како тие би ги сфатиле критиките за нејзиниот изглед.
„Мојата грижа не сум јас, туку моите деца бидејќи тие беа со мене, ме видоа, а потоа излегоа сите тие коментари. Не сакам да чувствуваат притисок да изгледаат на одреден начин поради другите луѓе.
Ако луѓето ми го прават тоа мене, тогаш како моите деца ќе бидат заштитени? Вистината е – мислам дека никој не е безбеден бидејќи луѓето секојпат критикуваат“, додава таа.