Сашко Дуковски адвокатот на Бојан Јовановски рече дека против неговиот клиент ОЈО немало докази и дека Боки 13 е невино обвинет во оваа постапка. Нагласи дека не се знае кој, зошто и како ги направил видео снимките во овој случај, пишува Слободен Печат.
– Не е доволно на хартија да напишете претпоставено влијание. Нема да дојдеме до пресуда бидејќи нема докази во овој случај. Се што се презентира е резултат на јавен линч. Ова е прв пат во Македонија за мислење на обвинител да има цела постапка – рече Дуковски.
Тој за второто кривично дело перење пари против неговиот клиент рече дека ОЈО тврдело дека со земените пари наводно купувал гардероба.
– На мојот клиент ОЈО му зеле дури 71 вреќа со гардероба. Обвинителот сака да каже дека тоа било купено во период кога делото било сторено. Ќе докажеме дека таа гардероба е купена во 2013, а не во 2017 и 2018 година – рече Дуковски.