ТАГА ВО СРБИЈА: Дваесетгодишна трудница бремена со близнаци почина од коронавирусот

by Тони Зографски

Дваесетгодишна жена од Књажевац, која била бремена со близнаци, починала синоќа во Клиничкиот центар во Ниш, од последиците од ковид-19, потврдија за српските медиуми од оваа здравствена установа.

– Трудница од Књажевац на возраст од 20 години во четвртиот месец од бременоста почина ноќеска во 23.30 часот. Жената е примена на 2. октомври со ниска сатурација од 80 отсто и веднаш е формиран мултидисциплинарен тим лекари кои ја следеа нејзината состојба, а во кој беа анестезиолог, инфектолог, пулмолог и гинеколог. Следниот ден поради влошување на состојбата приклучена е на респиратор, изјави д-р Зоран Перишиќ, директор на нишкиот Клинички центар.

Потоа бремената жена е префрлена во единицата за интензивна нега и приклучена на машина за дишење, на 3. октомври, а почина на 5. октомври, и покрај напорите на лекарите да и го спасат животот, изјави докторот нагласувајќи дека бремената жена не била вакцинирана.

Од април досега ова е шести трагичен случај на почината трудница или родилка заразена од коронавирус. Од друга страна многу бремени жени во Србија како и оние кои планираат бременост се исплашени и збунети од различните ставови кои се пласираат во јавноста во врска со бременоста и вакцинацијата.

Сепак, членот на српскиот Кризен штаб за борба против ковид-19, епидемиолог и професор, д-р Бранислав Тиодоровиќ предупредува дека препораката од Асоцијацијата на гинеколози на САД како и од домашната фела е дека бремените жени и родилките треба да се вакцинираат зошто така ќе се заштитат и себеси и својот плод.

останати вести