Сопругата на Асад е тешко болна- Асма има 50% шанси да преживее

by Тони Зографски

Асма ал Асад – сопругата на сменетиот сириски претседател Башар ал Асад е во тешка здравствена состојба, соочена со леукемија, јавуваат светските медиуми.

Асад и неговата сопруга побараа азил во Москва откако неговиот брутален режим ја загуби власта по 13 години разорна граѓанска војна.

Претседателството на Сирија во мај годинава објави дека на тогашната прва дама ѝ била дијагностицирана акутна миелоидна леукемија, агресивен рак на коскената срцевина и крвта.

Таа, исто така, претходно се лекуваше од рак на дојка и во август 2019 година објави дека болеста е целосно исчистена по една година лекување.

Британски Телеграф пишува дека леукемијата ѝ се вратила по период на ремисија.

„Асма умира. Таа не може да биде во иста соба со никого“, рече еден извор кој бил во директен контакт со претставник на семејството во последните недели.

Друг извор, кој бил во контакт со семејството во Москва, вели дека е многу опасно кога ќе се врати леукемијата.

Британските медиуми јавуваат дека Асма заминала на лекување во Москва пред нејзиниот сопруг Башад да побегне во Русија и да побара азил.

Нејзиниот татко, истакнат кардиолог од Харли Стрит, се грижел за неа во последните шест месеци, прво во Обединетите Арапски Емирати, а подоцна и во Москва.

Откритието доаѓа по информациите дека таа е уморна од ограничувањата што ѝ се ставени во Москва и дека бара лекување во Лондон и сака развод.

Двојката Асад не ги коментираа медиумските извештаи, иако Кремљ подоцна негираше дека таа сака да се разведе од сопругот.

останати вести