САД СО НОВИ ЦАРИНИ ОД 33% ЗА МАКЕДОНИЈА

by Тони Зографски

САД воведуваат нови реципрочни тарифи, а на листата на претседателот Доналд Трамп се најде и Македонија, за која ќе се применува царина од 33%. Оваа одлука беше објавена на настан во Белата куќа, каде Трамп ја претстави својата стратегија за заштита на американската економија.

– Конечно ги ставаме Американците на прво место – изјави Трамп, истакнувајќи дека трговските дефицити повеќе не се само економски проблем, туку национална вонредна состојба.

Претседателот на САД држеше табла со детални податоци за тарифите што неговата администрација ги воведува кон одредени земји. Според податоците, стапките се движат од 10% до 49%, а Македонија се најде во групата земји со значителни давачки – 33%.

Image

Инаку, размената на Македонија со САД лани изнесувала нешто над 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година, што значи била помала за 2,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Притоа, извозот од Македонија во САД лани достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Истовремено, лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.

Податоците од американскиот Стејт департмент, пак, покажуваат дека „електричните машини и опремата на САД беа особено привлечни за увозниците во Северна Македонија. Главниот извоз во САД е тутун, облека, железо и челик“, стои на интернет страницата на Стејт департментот.

Од регионот, Србија е погодена со највисока стапка од 37%, а Босна и Херцеговина со 35%. На стоките увезени во САД од Косово е воведена царина од 10%, исто како и за Албанија.

Image

останати вести