Ракот на панкреас спаѓа меѓу најсмртоносните форми на карцином, во голема мера затоа што е тешко да се открие пред да почне да се шири на другите органи.
Нова експериментална таблета им помогнала на луѓе со напреднат рак на панкреасот да живеат подолго, објавија истражувачите вчера, што буди надеж во долгоочекуваните подобри терапии за еден од најсмртоносните видови рак, пишува Си-ен-ен.
– Иако не го лекува ракот, ова претставува многу голем чекор напред – рекол д-р Зев Вајнберг од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, кој помогнал во водењето на студијата.
Лекот се вика дараксонрасиб и го блокира мутираниот протеин кој го поттикнува растот на туморот кај повеќе од 90 отсто случаи на ракот на панкреас – цел што медицината со децении не успевала да ја погоди.
Во студија во која 500 пациенти со метастатски рак, коj повеќе не реагирал на претходните терапии, биле случајно распределени да примаат експериментален лек или дополнителна хемотерапија, секојдневното земање на таблетата речиси го дуплирало времето на преживување, со помал број на сериозни несакани ефекти. Резултатите се објавени во „Њу Ингланд журанл оф медисин“ (New England Journal of Medicine) и презентирани во неделата на состанокот на Американското здружение за клиничка онкологија (АСКО) во Чикаго.
Пациентите што земале дараксонрасиб живееле во просек 13,2 месеци, во споредба со 6,7 месеци за оние што примале хемотерапија. Иако тоа може да изгледа како скромно подобрување, Вајнберг истакнува дека ова е првиот лек кој покажува значителна предност во однос на хемотерапијата.
– По 16 години лекување на ракот на панкреас, всушност, заплакав – рекла д-р Рачна Шроф од Центарот за рак на Универзитетот во Аризона кога првпат ги видела резултатите од студијата.
Особено ја импресионирал фактот дека „пациентите останале на терапијата бидејќи им донела трајна и значајна корист“.
Иако ефектите од таблетата слабеат со текот на времето, пациентите ја користеле значително подолго отколку контролната група која останала на хемотерапија. Тие пријавиле помалку болки и подобар квалитет на животот додека нивните тумори се намалувале. Многумина продолжиле да го користат лекот откако анализата на податоците била завршена, што, според Вајнберг, значи дека разликата во преживувањето може дополнително да се зголеми додека истражувачите продолжуваат да ги следат.
Д-р Брајан Волпин од Институтот Дана-Фарбер ги презентирал резултатите во неделата. Тој рекол дека лекот треба да стане „нов стандард на лекување“ за претходно лекуван метастатски рак на панкреасот. Тој додал дека истражувачите ќе ја испитаат и неговата употреба во пораните фази на болеста, вклучувајќи ја и можноста дека намалувањето на туморите ќе им овозможи на повеќе пациенти да бидат кандидати за операција.
Несаканите ефекти што најчесто би можеле да влијаат на продолжувањето на терапијата се осип, кој може да биде сериозни, и ранички во устата, рекол д-р Волпин.
Студијата е финансирана од компанијата „Револушн медисинс“, а Американската администрација за храна и лекови (ФДА) планира забрзан процес на разгледување на лекот. Во меѓувреме, ФДА дозволува таканаречен „проширен пристап“ до експерименталниот лек за пациенти кои исполнуваат одредени критериуми.
Лекот го привлече вниманието на јавноста кога поранешниот американски сенатор Бен Сас во емисијата „60 минути“ раскажа дека чувствува помалку болка откако го зема. Онколозите се преплавени со барања додека програмата за специјален пристап почнува да се спроведува.
Ракот на панкреас е меѓу најсмртоносните форми на рак токму затоа што е тешко да се открие пред да се прошири на други органи. Американското здружение за рак проценува дека оваа година во САД ќе бидат дијагностицирани околу 67.000 нови случаи, додека повеќе од 52.000 луѓе ќе умрат од болеста. Вкупната петгодишна стапка на преживување е 13 отсто.
За разлика од другите видови рак на кои им се дадени голем број алтернативи на хемотерапијата, ракот на панкреас се покажа како многу потежок за лекување.
Експертите за рак кои не биле вклучени во новото истражување изразиле оптимизам дека ова може да биде пресвртница во потрагата по нови терапии, со десетици експериментални лекови кои во моментот се во развој.
