Грција ги замрзнува цените во супермаркетите сред туристичка сезона

by Тони Зографски

Грција донесе одлука да ги замрзне цените во супермаркетите во текот на два летни месеци, среде најголемата туристичка сезона, со цел да ги заштити потрошувачите и туристите од нови поскапувања. Според грчкиот министер за развој Такис Теодорикакос, големите производители на храна и синџирите супермаркети се согласиле да не воведуваат нови зголемувања на цените во овој период.

Одлуката е донесена по состанок во владината палата, на кој присуствувал и премиерот Киријакос Мицотакис, заедно со претставници од прехранбената индустрија и малопродажниот сектор.

Стабилни цени во екот на сезоната

Владата очекува цените во супермаркетите да останат стабилни во текот на летото, а мерката се темели на обврски од бизнис секторот да се избегнат нови поскапувања. Во рамки на договорот се опфатени околу 2.000 производи, кои веќе биле намалени во просек за околу шест проценти во изминатите месеци.

Овие намалувања се дел од претходна владина мерка за ограничување на профитните маржи, а компаниите сега се обврзале да ги задржат пониските цени и во текот на летото. Грчката влада најави и дополнителен план за понатамошно намалување на цените од септември, во рамки на таканаречен „национален социјален договор“ насочен кон намалување на трошоците за живот.

Целта, како што наведуваат властите, е да се ублажат инфлациските притисоци и да се заштитат домаќинствата и туристите во период на зголемена потрошувачка.

останати вести