Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Хроничната бубрежна слабост настанува како последица на постепено, прогресивно и неповратно намалување на гломеруларната филтрација до конечен стадиум на уремија. Таа е последен стадиум на бубрежните заболувања. Хронична бубрежна болест се јавува кај 12% од популацијата.
Според гломеруларната филтрациона рата има пет стадиуми. Почетокот е неприметен, болниот нема никакви симптоми. Се карактеризира со задршка на уремиски токсини (уреа, креатинин, мочна киселина, индоли, феноли и др.) кои се продукти на метаболизмот, промена на волуменот и составот на телесните течности и електролити, дизбаланс на многу хормони.
Две најчести причини за настанување се шеќерната болест (дијабетес) и покачениот крвен притисок (артериска хипертензија) кој води до нефросклероза. Потоа следат хроничните гломерулонефрити, хроничните пиелонефрити, адултната полицистична бубрежна болест, опструктивната нефропатија. Голем процент отпаѓа на “непознати” причини што се всушност заболувања кои не биле навреме дијагностицирани и лекувани.
Симптомите и знаците се неспецифични и обично не се јавуваат додека значајно не се намали бубрежната функција. Болниот е малаксан, се намалува работоспособноста. Симптомите и знаците може да потекнуваат од сите органи и системи.
Се јавува мачнина, намален апетит, гадење, повраќање, уремичен здив од устата, а може да се јави и крв во изметот (мелена). Потешки компликации се перикардит, воспаление на срцевата обвивка и срцева слабост. Постои слабокрвност (анемија) и склоност кон крварење. Болните се уморни, апатични, поспани, со намалена концентрација, агресивни. Може да настане пореметување на свеста сé до кома. Периферната невропатија се манифестира со болки во мускулите, грчеви, трпки, немирни нозе. Интензивниот јадеж на кожата предизвикува несоница и огреботини по кожата од чешање. Метаболната ацидоза предизвикува продлабочено и забрзано дишење. Се јавуваат промени на коските, ренална остеодистрофија. Доаѓа и до сексуална дисфункција, изостанок на менструација, стерилитет.
Ако не е предоцна потребно е да се одреди основното заболување и колкава е преостанатата бубрежна функција. Дијагнозата се поставува врз основа на распит на болниот (анамнеза), физички преглед и лабораториските наоди.
Ехосонографијата е оптимална прва метода за визуелизација на уринарниот тракт со која се проценува оштетувањето на бубрезите, нивната големина, квалитетот на ткивото, ќе се види дали се работи можеби за опструктивна нефропатија или адултна полицистична болест.
Во пораните стадиуми на намалена бубрежна функција се лекува основната болест, покачениот крвен притисок и останатите болести кои може да го забрзаат пропаѓањето на бубрезите. Болните треба да се советуваат во однос на исхраната, внесот на белковини, сол, храна богата со калиум, фосфор, магнезиум. Слабокрвноста се корегира со препарати на железо.
Побрзо или поспоро доаѓа до прогресија на хроничната бубрежна слабост до краен, терминален стадиум. Тогаш болните имаат потреба од активно лекување со дијализа или трансплантација на бубрег.
Многу е важно да се превземат превентивни мерки со систематско, правилно лекување на заболувањата на бубрезите и намалување на кардиоваскуларниот ризик.
Предиспонирачки ризик фактори се старост, позитивна фамилијарна анамнеза, ниска родилна тежина, гојазност. Токсични материи и некои лекови може да ја влошат хроничната бубрежна болест. Треба да се влијае на факторите кои ја забрзуваат прогресијата, пушење цигари, неконтролиран зголемен крвен притисок, лошо контролирана гликемија.