“Љубовта, мирот и здравјето се единствените нешта што навистина вредат“: Нина Бадриќ го прослави 54. роденден (ФОТО)

by Тони Зографски

Нина Бадриќ, вчера го прослави 54. роденден. По тој повод на Инстаграм објави фотографија и емотивна порака што допре до илјадници нејзини следбеници.

„Секој роденден сѐ помалку ме потсетува на годините, а сѐ повеќе на минливоста. На тоа колку животот е убав, нежен, непредвидлив и колку е важно да не ја оставаме љубовта за утре“, напиша Нина.

Таа истакна дека не го слави бројот на годините, туку сѐ што ја обликувало како личност, вклучувајќи ги и најтешките моменти.

„Денес не славам број, туку сѐ она што ме обликуваше. Сите солзи што никој не ги виде, сите насмевки што ги подарував дури и кога самата ги немав“, порача пејачката.

Нина се осврна и на животните предизвици и неочекуваните патишта по кои нѐ води животот.

„Сфатив дека животот не е секогаш онаков каков што сме го замислувале. Понекогаш ни го одзема она што најмногу го сакаме, понекогаш нѐ води по пат по кој никогаш сами не би тргнале. Но токму на тие патишта учиме колку сме силни, колку можеме да сакаме и колку вреди да останеме луѓе“, напиша таа.

Во пораката исполнета со благодарност ги спомена семејството, пријателите, музиката и своите обожаватели, а ја заврши со мисла што силно одекна кај нејзините следбеници:

„Ако животот ме научил на нешто, тогаш тоа е дека љубовта, мирот и здравјето се единствените нешта што навистина вредат. Сѐ друго доаѓа и си заминува.“

останати вести