Модната дизајнерка Викторија Бекам (52) викендов објави фотографии од патувањето што го направи со ќерката Харпер (15). Двете изгледаа речиси идентично во своите стилски комбинации.
На фотографијата што ја објави Харпер, а која подоцна ја сподели и поранешната членка на „Спајс Грлс“, Викторија позираше во смел беж фустан со длабок V-изрез, додека Харпер носеше бел фустан до листовите и штикли, објавува „Пипл“.

Харпер покрај фотографијата напиша: „Целиот мој свет“, а Викторија одговори: „Те сакам толку многу, Харпер!“
Викторија, која со сопругот Дејвид Бекам ги има Харпер и трите сина, Бруклин, Ромео и Круз, исто така објави фотографија на која позира покрај морето во истиот фустан, чиј горен дел беше украсен со цветен материјал што го покриваше нејзиниот стомак.

Мајката и ќерката присуствуваа на бројни настани заедно оваа сезона, од церемонијата на доделување ѕвезди на Дејвид на Холивудската патека на славните на 12 јуни до Светското првенство во фудбал. Харпер го покажа својот трендовски стил за време на сите овие појавувања.
Нејзината љубов кон модата е едно од нештата што Викторија ѝ ги пренесе на својата „мала копија“.
„Таа ја сака модата. Ја сака убавината. И прилично сум сигурна дека би сакала да ги добие костимите на Spice Girls“, рече Викторија на 22 април додека присуствуваше на самитот Time100 во Њујорк.
