Највисокиот црковен совет на Православната црква во Америка донесе решение за прифаќање на канонскиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и воспоставување потполно евхаристичко единство со нејзините епископи, свештеници и верници.
На 15 јули митрополитот Тихон оваа одлука ја соопшти на целата Православна црква во Америка на 21-от Сеамерикански собор во Феникс, Аризона.

На оваа одлука претходеше барање од српскиот патријарх Порфирије кој го повика митрополитот Тихон да постапи во согласност со Томосот за автокефалност, кој Српската православна црква ѝ го додели на МПЦ-ОА, и да ја признае нејзината автокефалност.
Наскоро е планирана и заедничка прослава на поглаварите на МПЦ-ОА г.г. Стефан и на митрополитот Тихон од Православната црква во Америка која ќе се одржи во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон. Според најавата на митрополитот Тихон прославата ќе заврши со формално признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, што ќе значи и официјално поставување на Македонската црква рамо до рамо со Православната црква во Америка како целосно автокефална и локална православна црква.
Ова признание е од огромно значење за македонската православна заедница во дијаспората, но и за црковната дипломатија на глобално ниво, со оглед дека ПЦА важи за една од водечките православни структури во Северна Америка.