По долго боледување, на 64-годишна возраст почина Рамуш Муарем – Цирко, истакнат македонски новинар, уредник, актер и долгогодишен активист за правата на Ромите.
Цирко ќе остане запаметен како автор на култната емисија „Циркотека“ на ТВ БТР, преку која со препознатлив хумор и силен социјален ангажман остави длабока трага во медиумскиот простор, но и во борбата за еднаквост и права на ромската заедница.
Неговата работа не беше само забавна – таа имаше и поширока општествена димензија. Преку медиумите, Муарем успеваше да гради мостови меѓу заедниците, поттикнувајќи разбирање, блискост и почит.
Покрај телевизиската кариера, тој беше и посветен борец за правата на Ромите. Со својот јавен ангажман постојано укажуваше на предизвиците со кои се соочува оваа заедница, залагајќи се за подобра положба и поголема видливост во општеството.
