Пенелопе Круз и Хавиер Бардем ја освоија Венеција. Нивниот нов филм „Bunker“ доби 16-минутни стоечки овации, а шпанската актерка се расплака додека публиката го поздравуваше филмскиот тим.
На синоќешната премиера, 52-годишната филмска ѕвезда го привлече вниманието во огненоцрвен фустан од Шанел со спуштена линија на половината, висок шлиц и впечатлив ремен со реси. Креацијата ја надополни со црвени потпетици и дијамантски обетки, а нејзиниот сопруг избра елегантен темносин костум со сјајни ревери и црна „пеперутка“.





Сепак, вистинската кулминација следуваше по проекцијата. Публиката стана на нозе и аплаудираше цели 16 минути, што е најдолгата овација на фестивалот годинава. Пенелопе не можеше да ги задржи солзите, а покрај неа Хавиер ја споделуваше радоста, разменувајќи насмевки и погледи со сопругата.
Двојката, која е во брак од 2010 година, повторно ја пренесе својата хемија на големото платно. Во психолошкиот трилер на Флоријан Зелер, тие ги играат Софија и Мигел, сопружници чиј 17-годишен брак се соочува со криза кога Мигел, успешен архитект, прифаќа понуда да изгради луксузен бункер за технолошки милијардер. Одлуката отвора прашања за моралот, привилегиите, стравот и вредностите врз кои е изграден нивниот заеднички живот.
Режисерот откри дека сценариото го напишал специјално за Пенелопе и Хавиер, кои биле негова инспирација и како актери и како еден од најпознатите парови во филмската индустрија. Покрај нив, во филмот настапуваат Стивен Греам, Пол Дано и Патрик Шварценегер.


