Секоја година, американската веб-страница TC Candler и панел од независни критичари ги избираат топ 100 најубави лица, а победничка во 2022 година е поранешната манекенка и ангел на „Викторијас сикрет“, Јасмин Тукс.
Ова не е прва титула за 31-годишната Американка, а откако во минатото се најде на листите на топ-модели, сега го зазема првото место во конкуренција на едни од најпрепознатливите лица во Холивуд.
На овој натпревар се избираат само 100 лица од приближно 160.000 познати личности, а на годишната листа се застапени преку 50 земји, но тука не станува збор за натпревар за популарноста.
„Списокот воведува нови лица и земји секоја година. Независните критичари пребаруваат долго и широко, слушајќи ги многуте милиони предлози дадени од јавноста во изминатите неколку децении, а потоа составуваат листа што го претставува современиот идеал за светската убавина“, додаваат тие.
„Естетското совршенство е само еден од критериумите. Грациозноста, елеганцијата, оригиналноста, смелоста, страста, класата, сталоженоста, радоста, ветувањето, надежта… Сите тие се отелотворени во убавото лице“, објасниле тие.
Меѓу топ 10 во 2022 година, се нашле неколку интересни и помалку познати имиња, како тајванската пејачка Цују (10. место), израелската манекенка Јаел Шелбије (7. место) и руската манекенка Даша Таран (4. место). На третото место се најде тајландската раперка Лиза, а на второто корејско-американската пејачка Ненси Џевел Мекдони.
На престижната листа на топ 100 најубави лица во 2022 година, хрватската фудбалерка Ана Марија Марковиќ се наоѓа на 94. место. Интересно, хрватската фудбалерка на тој начин претекна некои познати имиња, како Марго Роби (96. место), Џена Ортега (97. место) и Лили Колинс (100. место).