Раперот Марко Маринковиќ, познат како Слаткаристика во објава на Фејсбук сподели дека филмот посветен на неговиот живот ќе се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Тој посочи дека изминатите денови бил изложен на критики и коментари, но нагласи дека лично не побарал ниту добил финансиски средства.
„Сакам една работа да биде јасна… ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене“, напиша Слаткар во објавата.
Тој изрази благодарност до Комисијата на Агенцијата за филм што ја препознала важноста на темата, но посочи дека не сака проект кој, според него, зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби.
„Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм“, соопшти раперот.
Додаде дека проектот ќе продолжи со поддршка од соработници, пријатели и луѓето што го следат и поддржуваат неговото работење.
„Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас, луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат. Светот ќе го чуе гласот на најтивките. Се гледаме на премиера“, напиша тој.
Реакциите во јавноста следуваа откако беше објавено дека проектот добил поддршка од Агенцијата за филм.
