Американската манекенка Кристи Бринкли повторно застана на модната писта, и тоа на 72 години. Таа на 14 септември ја затвори ревијата на дизајнерот Денис Басо во рамките на њујоршката модна недела, претставувајќи ја неговата колекција за пролет/лето 2027.
Бринкли се појави во долга тоалета во боја на кожа со отворени раменици, украсена со кристални детали, висок шлиц и долг шлеп. Изгледот го надополни со впечатливи обетки, високи потпетици, пуштена брановидна коса и црвен кармин.
Нејзиното појавување имаше и посебна симболика. Бринкли на пистата прошета проследена со песната „Uptown Girl“ од нејзиниот поранешен сопруг Били Џоел, песната од 1983 година чиј спот ја прослави и самата манекенка.

– Кој не би сакал да биде во оваа позиција? – изјавила Бринкли за „People“ зад сцената додавајќи дека било забавно повторно да дојде на њујоршката модна недела и да прошета во спектакуларна тоалета во која се чувствувала „како милион долари плус данок“.
Манекенката на својот Инстаграм објави и видео од настапот, заблагодарувајќи му се на Басо за поканата. Таа напиша дека ѝ било чест да ја затвори ревијата како 72 и полгодишна жена и додаде дека „сè уште нема доволно“ жени на нејзина возраст застапени во јавноста.

Ова е нејзино прво појавување на модна писта по 2019 година, кога заедно со ќерката Сејлор Бринкли Кук прошета на ревијата на Ели Тахари во Њујорк. Самата Бринкли претходно има зборувано и за стареењето, велејќи дека годините ѝ донеле чувство на слобода и помала потреба да се грижи што мислат другите за нејзиниот изглед.
Бринкли во последните години зборуваше и за тоа дека останува активна преку градинарството, кое го опишува како свој вид физичка активност. Во исто време, отворено зборува и за козметичките третмани што ги има направено, меѓу кои ласерски процедури и ботокс.
