Кина изрече смртна казна за функционер кој примил 88 милиони долари мито

by Тони Зографски

Кинески суд го осуди на смрт поранешниот челник на автономната област Гуангси, Лан Тјанли, поради примање мито во вкупна вредност од 88,2 милиони долари. Извршувањето на најтешката казна е одложено за две години, период по кој пресудата може да биде преиначена во доживотен затвор без право на помилување, објави државната телевизија ЦЦТВ (CCTV).

Народниот суд во градот Чангде, во централната кинеска провинција Хунан, го прогласи Лан Тјанли за виновен за систематска корупција во периодот од 2008 до 2025 година. Во тие 17 години тој извршувал повеќе високи раководни функции во јужната автономна област Гуангси.

Според судската пресуда, Лан ја користел својата позиција за да посредува при доделување јавни набавки и при именување високи државни функционери. Како противуслуга за овие интервенции, тој инкасирал парични суми и подароци во вкупна вредност од 88,2 милиони долари. Судскиот совет ја образложи смртната пресуда со огромниот износ на применото мито и сериозната материјална и општествена штета што им ја нанел на државата и на јавноста.

Покрај смртната казна со двегодишно одложување, судот донесе одлука за целосна конфискација на личниот имот на Лан и трајно одземање на неговите политички права. Во кинескиот правосуден систем, условната смртна казна со двогодишен рок во пракса најчесто се преиначува во доживотна затворска казна доколку осуденикот не стори ново кривично дело за време на пробниот период, но во вакви случаи на висока корупција се исклучува секаква можност за натамошно намалување на казната или условен отпуст.

Смртните пресуди за високи функционери на Комунистичката партија на Кина се ретки и се изрекуваат исклучиво во случаи со екстремно високи суми и тешки последици. Оваа пресуда се вклопува во повеќегодишната антикорупциска кампања што ја предводи кинескиот претседател и генерален секретар на Комунистичката партија, Си Џинпинг.

Борбата против корупцијата во Кина бележи засилено темпо во пресрет на следниот конгрес на Комунистичката партија, закажан за втората половина на 2027 година. Истражните органи задолжени за партиска дисциплина речиси секојдневно објавуваат нови истраги против високи државни и партиски кадри. Неодамна властите отворија постапка и против Чен Џининг, партискиот лидер на Шангај и член на влијателното Политбиро на Комунистичката партија, кој е осомничен за сериозно кршење на партиската дисциплина и законите, без притоа да бидат соопштени конкретни детали за обвиненијата.

останати вести