Камениот мост повторно блесна – ново осветлување добија три моста во центарот на Скопје (ФОТО)

by Тони Зографски

Камениот мост во центарот на Скопје вечерва блесна со ново декоративно и архитектонско осветлување, кое свечено го пуштија во употреба градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на турската Општина Есенлер, Мехмет Тевфик Гоксу.

Ѓорѓиевски објави дека, покрај Камениот мост, повторно се осветлени и два други скопски моста, Мостот Око и Мостот на уметноста чие осветлување подолг период не било во функција.

„Камениот мост повторно блесна – гордоста на Скопје во полн сјај!“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук, објавувајќи фотографии од новоосветлениот мост.

На свеченоста присуствувале и амбасадорот на Турција во Македонија, Алпер Акташ, извршниот директор на Халк банка, Фатих Шахбаз, и почесниот конзул Ајдован Адемоски.

Градоначалникот истакна дека новото осветлување ја нагласува архитектурата на мостот и неговото историско значење за главниот град.

Фото: Град Скопје
Фото: Град Скопје

„Новото осветлување ја истакнува убавината на неговите сводови и му дава посебна величественост во срцето на градот. Уште една причина да застанеме, да погледнеме и да си кажеме колку убаво Скопје имаме!“, порача Ѓорѓиевски.

Според градоначалникот, обновувањето на осветлувањето е дел од напорите за зачувување и уредување на препознатливите градски обележја.

„Во неговиот камен се врежани векови историја. На него се среќавале генерации, започнувале пријателства и се создавале спомени што траат цел живот“, напиша тој, потсетувајќи на значењето на Камениот мост за скопјани.

Проектот произлегува од Протоколот за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Општина Есенлер во Турција.

Фото: Град Скопје

„Од договорена соработка до светлина што вечерва ја гледаме сите – така се гради пријателство што остава трага“, нагласи Ѓорѓиевски.

Фото: Град Скопје

останати вести