Во северна Италија, во регионот Ломбардија, меѓу реките Ада и Брембо, се наоѓа Крешпи д’Ада – историско населено место кое изгледа како мотив од разгледница од индустриската ера.
Овој дел од Италија претставува еден од најдобро сочуваните примери на фабрички градови и жив споменик за едно одамна изминато време.
Воедно, градот потсетува на времето во текот на 19. и почетокот на 20. век, кога индустријалците низ Европа подигнувале цели градови за да им обезбедат сместување и основни содржини на работниците.

Италијанското гратче го препозна и УНЕСКО, впишувајќи го на листата на светско наследство токму поради неговата исклучителна зачуваност – останало речиси недопрено, а дел од објектите и денес се користат.
Приказната започнува во 1875 година
Во 1875 година производителот на текстил Кристофоро Бенињо Крешпи купил околу еден километар речен појас во долината на реката Ада, јужно од местото Капријате, со идеја да изгради фабрика за преработка на памук.
Во својата фабрика ја вовел најсовремената технологија од тоа време, а покрај индустрискиот погон започнал да гради и населба за работниците.

Освен куќи, вработените имале на располагање училиште, амбуланта, театар, спортски објекти, продавници, црква и гробишта.
Идејата била јасна – работникот таму не доаѓа само да преживее, туку да живее. Сопствениците на фабриката, пак, имале посебно место и живееле во замок.
Крешпи д’Ада е интересен и како лекција по урбанизам. Населбата била проектирана геометриски правилно, како мрежа.

Една главна улица ја делела индустриската зона од станбената, а куќите биле распоредени во низи и блокови. Подоцна, кога управувањето го презема синот на Кристофоро – Силвио Бенињо Крешпи – започнува изградба на семејни куќи со градини.
Крешпи д’Ада било и едно од првите работнички населби во Италија со модерно електрично јавно осветлување, благодарение на хидроелектраната што ја снабдувала со енергија фабриката и селото.
По големата економска криза во 1929 година и политичко-економските притисоци од тој период, семејството Крешпи постепено ја загубило контролата над населбата.

Од 1970-тите многу куќи преминале во приватна сопственост. Индустриската активност со текот на времето опаднала, но дел од погонот е обновен и денес фабриката сè уште работи – често се споменува дека меѓу вработените има и потомци на првите работници.
Крешпи д’Ада нуди ретка можност да се види како изгледала целосно планирана работничка заедница од времето кога индустријата ги обликувала животите и градовите.

