Инцидент на плоштадот во Приштина: Косовски пратеник среде интервју физички нападна минувач (ВИДЕО)

by Тони Зографски

На плоштадот во Приштина вчера се случи вистинска драма кога пратеникот на Демократскиот сојуз на Косово, Арменд Земај, физички нападна случаен минувач за време на телевизиско интервју.

Инцидентот започнал кога граѓанинот од дијаспората се приближил до местото каде што Земај давал изјава и го нарекол „лажго“. Пратеникот не ја издржал провокацијата – го прекинал интервјуто, му возвратил со прашањето „кого лажеш“ и во следниот момент физички го нападнал човекот пред камерите.

На видеото објавено од „Газета Блиц“ јасно се гледа како Земај прво вербално реагира, а потоа се доближува и го удира минувачот, додека снимателот продолжува да ја снима целата сцена.

По бурните реакции во јавноста, пратеникот се огласи на својот Фејсбук-профил со извинување: „Денес, за време на јавно интервју, се случи непријатна ситуација поради која искрено жалам. Граѓанин ме провоцираше со навреди и неприфатливи зборови, и во момент на емоција реагирав во самоодбрана. Насилството не е вистинскиот одговор, и јавно се извинувам“, напиша Земај.

Косовската полиција го потврди инцидентот, а неговата партија – Демократскиот сојуз на Косово – веднаш го осуди нападот, нарекувајќи го „директно прекршување на институционалното достоинство и демократските принципи“.

Настанот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде корисниците се поделени – едни го оправдуваат пратеникот, а други остро го осудуваат за физичката пресметка пред камери.

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com