ЗА ПРВ ПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: Македонија ќе игра со Германија на патот за СП 2022

by Тони Зографски

Македонската фудбалска репрезентација се најде во последната група Ј на мундијалската ждрепка која вечерва се одржа во Цирих, откако за прв пат во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал ќе игра со четирикратниот светски првак Германија како апсолутен фаворит за директен пласман, како и со Романија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн, селекции со кои може да се надигрува дури и за второто место.

Македонија на ждрепката тргна од четвртиот барабан, па имаше среќа во рацете на холандската легенда Рафаел Ван дер Варт да се најде во последната група и да избегне далеку потешки групи во битка да се стигне барем за баражот, зашто нереално е да се очекува борба за првото место и директен пласман.

Сите победници од десетте групи одат директно на СП во Катар во 2022 година, а десетте второпласирани ќе одат во бараж, каде што ќе им се придружат два победници од Лигата на нации, кои нема да бидат на првото или второто место во овие мундијалски квалификации и овие 12 селекции ќе бидат поделени во три костури, кои преку полиуфинале и финале ќе ги дадат преостанатите три патници на СП.

Мундијалските квалификации стартуваат во март догодина со три меча во овој термин, а ќе продолжат со три меча во септември и по два во октомври и ноември.

 

 

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com