Bирусологот од медицинскиот факултет „Икан“ во Њујорк, Флоријан Крамер во моментов со својот тим ја истражува можноста за лекување од коронавирусот.
Во интервју за “Дојче веле’ тој зборува за терапијата која веќе ја користи, како и за целокупната ситуација на светско ниво.
-Би требало да се слушаат научниците, а не политичарите. Овој вирус потполно се разликува од сезонскиот грип. Кога е објавен генетскиот материјал на вирусот, сите во научната заедница знаеја за што се работи. Најдрастичната разлика е во тоа што во популацијата апсолутно нема имунитет, а нема ни лекови ни вакцина и затоа се шири толку лесно, – вели Крамер.
Тој смета дека е многу реално дека наскоро ќе имаме вакцина за коронавирусот.
– Таа е многу реална, затоа што вакцината не е во фаза на истражување, туку во клинички испитувања. Клиничките испитувања одземаат многу време и имаат неколку фази, затоа што вакцината мора да биде безбедна пред да се вакцинираат многу луѓе. Со оглед на тоа што околу 40. компании се ангажирани во изнаоѓање, не верувам дека развојот ќе биде проблем. Сепак, тоа е процес кој трае околу петнаесет години, а сега треба да го завршиме за неколку месеци, што е предизвик и бара трпеливост.
Во поглед на запирањето на вирусот преку социјалното дистанцирање и самоизолацијата, Крамер вели:
-Ширењето на вирусот веќе не може во целост да се запре и не беше можно да се запре кон крајот на февруари. Сепак, се залагаме за овие мерки бидејќи мора да ја израмниме епидемиолошката крива за која сите зборуваат. Ако вирусот неконтролирано се шири, се добива голем број тешко заболени за краток рок, а со тоа смртноста би била поголема. Сега се работи на тоа да се ублажи штетата што ќе ја нанесе вирусот. Дотогаш е можно голем процент од светското население да се зарази, а понатамошното ширење ќе го спречиме кога ќе биде готова вакцината – рече Крамер и додаде дека во самоизолација ќе мора да бидеме барем до средината или крајот на мај.

