Зоран Михајлов
– -Трифуновски повеќе од 10 години беше капитен на ОК Вардар и тоа во најубавите прволигашки години, кога скопјаните ја освоија и шампионската титула во Југославија во 1976 година.
-Три години во репрезентативниот состав, потоа и тренер со освоен куп на поранешната држава.
-Цел живот верен на Вардар
Мал е бројот на спортистите со таква кариера, каква што беше онаа – на еден од најдобрите македонски одбојкари на сите времиња Трифе Трифуновски. Ако се прави некое рангирање меѓу легендите, оние што во определн спорт оставиле голем печат, тогаш Трифуновски секако би бил на почесното место. Тој беше врвен. Тој беше одбојкар, но истовремено и цврста личност, човек кој гордо повеќе од 10 години ја носеше капитенската лента на Вардар. За неговиот карактер и за тоа каква личност беше Трифе најубаво потврдуваат зборовите на најдобриот меѓу најдобрите Владимир Богоевски.
-Трифе не беше само капитен, алфа и омега на екипата, тој беше и вистинска личност. Ретко се раѓаат такви луѓе кои располагаат со сите атрибути неопходни за врвен спортист а и со квалитети што се својствени за човек со цврст карактер и со доблест. Тој беше вистински капитен, кој целиот свој спортски живот му го подари на ОК Вардар.
ПОЧЕТОЦИТЕ ВО СОКОЛАНА
Интересен е спортскиот живот на големиот одбојкар. Тој како сите деца од познатото Пајко Маало речи си целото детство го мина низ тесните улички играјќи фудбал, ракомет, одбојка. Но, сепак главната спортска база беше Друштвото за телесно воспитување Партизан 1, кај сегашната адвокатска улица, тогаш спроти гимназијата „Цветан Димов“.
-Едноставно играта со топка беше нашето секојдневие, се сеќава на периодот од 50-сеттиоте години од минатиот век популарниот Трифе. Интересно е дека подеднакво се занимававме со сите спортови. Јас дури посакував да бидам фудбалер, но не минав на селекцијата за пионерскиот тим на Вардар. Тоа не ме обесхрабри, напротив од тие моменти секојдневно бев во дворот од Соколана, најчесто на одбојкарското игралиште. Еден ден ми пријде Ѓоре Цветановски, во тоа време најдобар македонски одбојкар и тренер и ми рече дека добро би било да се вклучам во неговата екипа. Јас го прифатив повикот и веднаш почнав да тренирам заедно со другарите од гимназијата Мартиновски, Буклевски, браќата Мишевски, Шалев. Тоа значеше дека конечно се најдов во спортот кој најмногу ќе ми одговара. Станав член на ОК Партизан, кој функционираше во рамките на Соколана.
-Тренерот Цветановски уште на почетокот ми зборуваше дека прстите ми се меки, дека имам добар прием преглед на играта и местото – техничар најмногу би ми одговарало. И навистина така беше: заиграв на таа позиција, иако ми беше жал што не можам да поентирам како смечерите. Но, затоа пак цело време играта се вртеше околку мене, секој поен на екипата го чувствував како мој поен.
Во тоа време во Скопје имаше и една армиска екипа „Наша крила“. Во неа членуваа главно воени лица и тоа воздухопловци. Најпознато име меѓу нив беше Сергеј Божиќ, популарно наречен Цегер.
-Тој ми стана идол. За него немаше тајни- не само во одбојката, туку и во другите спортови со кои се занимаваше. Цегер беше една весела, темпераментна личност. Од него зрачеше позитивна енергија, па можеби затоа посакував и јас да наликувам на него. Затоа, често одев во Градскиот парк, на Военото игралишпте каде што тренираа одбојкарите на „Наша крила“. Од тие гледања многу научив…
ОК „Партизан“ за кој, покрај другите настапуваа и браќата Божиновски-Часлав (познат фудбалер и тренер на Вардар) и Зоран, одличен одбојкар, учествуваше и на првите прволигашки квалификации во Сараево 1962 година. Таму Босна беше прва, скопскиот тим требаше да ја чека следната шанса. Но, за жал, не ја дочека.
ТРАНСФЕР ВО ВАРДАР
Во тој период и ОК Вардар стартуваше со големи амбици, па така покрај двата веќе постоечки клубови, кои редовно се бореа за титулите, доаѓа уште еден клуб. — -Јас и моите другари еден ден бевме повикани од Борче Јанковски, секретар на СД Вардар, од кого добивме понуда да минеме во Вардар. Програмата што ни ја презентираше беше интересна, таа мене и другарите не заинтригира, па набрзо потоа се најдоврме во редовите на Вардар. Тоа можеби беше некоректно кон Ѓоре Цветановски и нашиот дотогашен клуб. Нечујно станавме членови на ОК „Вардар“ на чие кормило беше легендарниот Војче Синадиновски, кој несомнено има најголема заслуга за подемот на македонската одбојка. Низ неговите раце мина плејада врвни одбојкари кои ја прославија не само одбојката туку воопшто македонскиот спорт. Ние пак за „тајното“ минување кај ривалот бевме казнети со забрана на настап во траење од 4 месеци.
Во 1964 година дојдоа квалификациите за Првата лига во Скопје, овој пат со Вардар. И овие втори квалификации за Трифе и другарите меѓу кои беше и големото засилување од Струмица – Никола Донев беа неуспешни-Кварнер од Риека стана прволиогаш.
– Конечно по напорна работа и многу одиграни мечеви во 1966 година успеавме да влеземе во елитното друштво. Квалификациите се играа на Палиќ крај Суботица, а по двете стартни победи во третиот меч ни требаше само еден сет за конечен успех. Го добивме сетот и работата беше завршена. Славјето беше големо, малкумина во Македониоја веруваа дека може да се постигне ваков успех. Но, ете – ние предводени од Синадиновски успеавме. И што е уште поинтересно и карактеристично за Вардар – од таа година клубот постојано – до распадот на државата, а со тоа и Првата лига, беше член на елитното друштво.
Во периодот од 1966 до 1971 година Трифуновски и Донев, според оценките на новинарите кои известуваа од мечевите, секогаш беа меѓу најдобрите 10 одбојкари во Првата лига! Тоа беше уште една потврда за нивните квалитетни игри.
ПАТОТ ДО ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА
Во периодот кога Вардар постигнуваше добри резултати и се пласираше меѓу најдобрите 6 екипи на табелата,во 1972 година почнаа превирања во клубот.
– Јас отидов во војска, Донев кој беше репрезентативец и најдобар наш напаѓач се врати во Струмица, а Војче Синадиновски беше сменет за на негово место да биде назначен Таки Џиков. Тоа беше еден неизвесен период, кој пак благодарејќи на појавата на една надежна генерација предводена од подоцнешниот капитен и на југословенската репрезентација Владимир Богоевски, потоа Тасевски и Србиновски, во еден микс со постарите- Вардар заигра во голема форма. Сето тоа кулминираше во 1976 година со освојувањето на шампионската титула во Југославија.
Инаку, патот до титулате не беше нималку лесен. Требаше да се минат многу пречки и да се совладаат противници, какви што беа Младост и Партизан. Интересно е дека Вардар се до попладневните часови, кога се одигруваше тоа последно прволигашко коло, не знаеше дали ќе биде шампион. Се чекаше исходот од дербито меѓу Звезда и Партизан. Победа на „црно-белите“ значеше титула за Вардар. И навиистина така беше „Партизан“ победи и „Вардар“ стана шампион. Прославата на титулата беше во традиционалното собиралиште, базата за карантин, Поштенскиот дом на Водно.
ПРОРАБОТИ МАКЕДОНСКИОТ СИНДРОМ!
-По овој триумф сакав да се откажам, вели Трифе, меѓутоа другарите и членовите на Управата ме наговориија да продолжам барем да ги одиграм натпревартите од Купот на европските шампиони. Јас се согласив, единствено што барав од тренерот – беше да не биде ставан на коцка мојот авторитет и да сум дел од првата постава. И навистина така беше, но мора да кажам дека тоа не беше привилегија, туку тоа беше резултат на моите добри игри. Настапив и на фајнал-форот во Пиексамаки во Финска, каде бевме засилени со репрезентативците Лукач и Грбиќ. Тука бевме трети, но со мала среќа можевме да играме и во финалето. Сепак бев задоволен зашто мојот Вардар беше првиот македонски тим што играше на еден европски фајнал-фор.
Има и една непријатна епизода од тој блескав период на ОК „Вардар“. Имено, во отсуство на капитенот, по нарачка на некој – била направена фотографија на целата екипа. Но, на неа за жал го немало капитенот. Трифе тоа го забележал кога ја видел огромната слика во клупските простории.
-Бев навреден, тоа многу ме заболе, раскажува Трифе.
Го прашав тренерот зошто е тоа така, но тој нешто пропелтачи и не ми одговори. Претседателот пак беше конкретен, но и смешен во одговорот: и мене ме нема на сликата, па ништо! Замислете каков однос кон мене одбојкарот кој со сиот жар, со сето срце толку години гинеше за „Вардар“. Но, таа моја спортска болка тие не ја чувствуваа.
Потоа, во клубот како да ја почувствуваа вината, па му приредија спектакуларна разделба на Трифуновски од одбојката и од Вардар.
-Салата во Кале беше преполна, беше јануари 1978 година, го игравме градското дерби со новиот прволигаш „Работнички“. Беа поканети бројни гости од целата држава, а меѓу нив беа и југословенските репрезентативци, со кои кога бев во најголема форма 3 години ги бранев боите на нашата поранешна земја. Тоа навистина беше незаборавна разделба а солзите кои навираа на моите очи најубаво ги отсликуваа моите чувства. Бев среќен за укажаната чест, но тажен што дојде време да се разделам од мојата голема спортска љубов – одбојката.
Потоа, Трифуновски заплови во тренерските води. Беше на кормилото на „Вардар„ кога во 1978 година беше освоен вториот голем трофеј – Купот на Југославија. Но, следниот ден како да проработи оној македонски синдром – беше сменет! Залудни беа написите во весниците и поддршката што доаѓаше од сите страни. Наводно, слабата игра, пред тоа финале во рамките од Првата лига во Брчко – била причината за смената на тренерот! Замислете, каква иронија?
Но, затоа Трифуновски на сите, особено на оние што го сменија, а потоа се разбегаа од клубот, им покажа дека е вистински вардарец. Кога беше најтешко тој секогаш беше тука, волонтерски помагаше и настојуваше да го извлече клубот од тешката криза. Меѓутоа, сето ова долго се провлекуваше, па на крајот капитенот со тешко срце крена раце и се предаде. Помош не доаѓаше од никаде, па така некогашниот шампион Вардар замина во вечноста.
Репрезентативец на Југославија
Трифе Трифуновски од 1968 до 1981 ги бранеше боите на сениорската репрезентација на Југославија.
-Прв селектор ми беше Страниќ од Загреб, потоа Вукаловиќ од Сараево, за на крајот кога дојде Сиротановиќ, полека да го снема моето име од репрезентативниот список. Првиот настап го имав на мајскиот турнир – Куп на нации во Белград. Во конкуренција на Бугарија, Франција и ДР Германија го освоивме првото место. Тоа беше голем успех, а мене ми беше чест што заиграв со легендарните Урнаут, Кос, Бакарац, Јанковиќ и Милош Грбиќ.
Имате ли шлем и “ашов“!
На дербито со Младост, кога се поздравувавме, нивниот капитен Јанковиќ ме праша : имате ли шлем и “ашов“? Го прашав што му значи тоа? Тој кусо ми одговори, па да се закопате во паркетот по нашите смечеви! Но, пред преполната сала го изненадивме фаворитот и го победивме со 3:2. Не ни беа потребни ниту шлемови, ниту “ашови“.
На реваншот во Загреб, пак јас бев оној што му го поставив истото прашање на загрепскиот капитен. Тој се насмеа и ми рече: не се шегувај, ќе ве растуриме. Но и овде се повтори скопската слика, ние победивме и таа година ја освоивме титулата. Инаку, и покрај сите овие случувања ние останавме добри пријатели со одбојкарите на Младост.
Лична карта-Трифе Трифуновски
Роден 1944 година во Скопје
Кариера: Одбојкарски клуб „Вардар“
Успеси: Шампион на Југославија 1976,учесник на фајнал-фор во Финска, репрезентативец на Југославија
Тренерска кариера: Тренер на „Вардар“ и освоен Куп на Југославија 1978 година