ВАША ОРДИНАЦИЈА: Проблеми со третиот крајник и нивно лекување

by Тони Зографски

 

Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес

 

Третиот крајник е еден од шесте крајника кои учествуваат во одбрана против инфекциите во раната детска возраст. Како и другите крајници изграден е од лимфно ткиво.

Поставен е на крајот од носот, во иста длабочина како и непчаните крајници во устата. Сместен е во празен простор, сличен на ложа, наречен епифарингс во кој се отвараат и отворите на евстахиевите труби, канали преку кои средното уво е поврзано со горните дишни патишта.

Третиот крајник е интензивно активен во раната детска возраст, се зголемува до петтата година во детството. Со созревањето на имунитетот, почнува постепено да се наламува и најчесто спонтано комплетно изчезнува до дваесеттата година од животот.

Кои се симптомите поврзани со третиот крајник?

· Наголемениот (хипертрофиран) трет крајник е причина за затанат нос кај децата

· Детето диши со отворена уста и хрчи кога спие

· Зголемениот аденоид е поврзан и со честите воспаленија на средното уво

· Често е причина за насобирање на течност во средното уво, или секреторен отитис

· Изразено хипертрофирана вегетација може да предизвикува прекини во дишењето во сонот (апнеи) при кои детето повремено запира да диши додека спие

· Пореметувањето на сонот може кај децата да е причина за главоболки и раздразливост

Како се поставува дијагноза?

Анамнезата и клиничката слика укажуваат на можни проблеми со третиот крајник. Конечната дијагноза ја поставува оториноларинголог. Освен основниот преглед се прави и ендоскопски преглед, најчесто со фибероптички ендоскоп со што се гледа изгледот, големината на третиот крајник, како и состојбата на носната лигавица.

Како се лекуваат аденоидните вегетации?

Во најголем број од случаите потребно е само да се следи состојбата на детето и повремено да се контролира големината на крајникот, бидејќи со тек на времето тој спонтано ќе се намали.

Доколку аденоидот предизвикува пореметување на дишењето, или е причина за апнеи, или предизвикува долготрајно воспаление на средното уво (секреторен отитис) тогаш се препорачува оперативно одстранување кое го изведува оториноларинголог.

останати вести