Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска повторно упати реакција кон последните изнесени ставови од страна на вицепремиерот и член на ВЛЕН, Изет Меџити за случувањата со дивоградбите во општина Чаир. Арсовска предложи четири решенија, меѓу кои и апсење на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.
„-Итно апсење на Висар Ганиу за злоосторничко здружување, фалсификување јавни исправи, перење пари, злоупотреба на службена должност и за загрозување на животот и безбедноста на чаирчани
-Прекин на 50-те нови згради дивоградби кои во моментов ги градите во Чаир, без проект, без дозвола, без да платите комуналии каде крадете вода и струја, а лажете дека се градени во 2010 година.
-Да се изготви Регистар на згради кои ќе се испитаат сеизмички, а измамените од вашите небезбедни облакодери дивоградби, Владата да ги обесштети за мирно да спијат во нов безбеден дом (ако можеше да се даде за Арачиново, може и за Чаир).
-Да почне во Чаир да ви функционира градежниот инспекторат на терен, а ако не смее тогаш Министерство за транспорт да ви ги одземе ингеренциите и Државниот градежен инспекторат да ви врши надзор“, објави градоначалничката на социјалните мрежи.