Пратеничката од Социјалистичката партија во Албанија, Илва Ѓузи, го шокираше парламентот и јавноста кога присуствуваше на седница на Комисијата за природни ресурси, инфраструктура и одржлив развој, држејќи го своето бебе Бљини старо само 38 дена во раце.
Претседателката на Комисијата, Анила Денај, го поздрави овој потег, истакнувајќи дека тоа е добар знак за духот на одржливиот развој и родовата еднаквост. Ѓузи изјави дека како пратеничка и мајка се чувствувала добредојдена и дека бебето ќе биде присутно и на идните комисии и седници.

„Јас сум професионалец, но пред сè сум мајка. Моето бебе има само 38 дена, и во овие рани фази треба да биде со мене. Имам поддршка од семејството и тоа ми овозможува да се посветам на обете улоги“, рече Ѓузи.
Сличен потег во Германија направи пратеничката Хана Штајнмилер, која присуствуваше на седници со своето бебе во раце, предизвикувајќи големо внимание од јавноста.