Пивара Скопје на пазарот лансираше нова категорија пијалаци – САЈДЕР. Пивара Скопје лансира два сајдер бренда од портфолиото на Heineken: Strongbow , водечки премиум бренд во оваа категорија во светски рамки, како и брендот Apple Bandit, кој е исклучително популарен ширум Европа, а особено во земјите од нашиот регион. Сајдерот е еден од најпопуларните нискоалкохолни освежителни пијалаци во светот.
Следејќи ги пазарните трендови, како и преференците и потребите на потрошувачите, кои секогаш се во фокусот на нашето работење, Пивара Скопје одново ја проширува својата понуда, воведувајќи нова категорија пијалаци на пазарот. Среќни сме што и потрошувачите во земјава отсега ќе можат да уживаат во уникатното природно освежување што го овозможуваат двата водечки сајдер бренда – Strongbow и Apple Bandit .На ваков начин, како компанија ја исполнуваме нашата основна мисија, преку постојани иновации да им овозможиме на консументите најразновидна и најширока понуда на квалитетни производи, изјави Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје
Сајдерот е оригинален, автентичен пијалак што се добива со ферментација на јаболки, како природна состојка. Се карактеризира со лесен, сладок до слатко-киселкаст вкус. Токму поради тоа сајдерот нуди природно освежување кое дополнително е засилено со ниската газираност. Благодарение на природните овошни ароми кои можат да се користат во текот на процесот на производство, на пазарот може да се најдат и сајдер пијалаци со различни вкусови. Па така, покрај Strongbow и Apple Bandit со вкус на јаболко, на домашниот пазар Пивара Скопје пласираше и Strongbow сајдер со природен вкус на шумско овошје. Овие сајдер пијалаци содржат по 4,5% алкохол.
„Поради своите уникатни карактеристики, природните состојки, овошниот вкус и чувството на свежина, како и ниското ниво на алкохол, веруваме дека новите сајдер пијалаци што ги лансираме на пазарот ќе бидат одлично прифатени од најширок круг консументи и ќе бидат одлична алтернатива на постоечките жестоки и останати видови алкохолни пијалаци. Новите сајдер пијалаци можат да се консумираат во различни прилики, како што се дружењата после работа, и да се комбинираат со различни видови храна, апетисани и десерти, што секако ја зголемува нивната атрактивност и популарност кај голем број потрошувачи“, објаснува Диана Симон – Брунс, маркетинг менаџерка во Пивара Скопје.
Вработените и соработниците на Пивара Скопје беа меѓу првите кои имаа можност да ги пробаат и да се уверат во автентичниот, природен и освежувачки вкус на новите сајдер брендови, по што тие стануваат достапни за сите потрошувачи. Apple Bandit и Strongbow во неповратна стаклена амбалажа од 0,33л., веќе можат да се купат во угостителските и малопродажните објекти ширум земјата.