Несудениот програмер, ученик од Казан, Илназ Галјавиев (19) стана масовен убиец откако вчера во Казан, главниот град на Татарстан, во училиштето број 175, со ловечка пушка уби девет лица – седум ученици (четири момчиња и три девојчиња), наставник, како и училишен работник.
Toj и се предаде на полицијата откако со кренати раце се појави на главната врата од училиштето. Оружјето со кое е извршено крвопролевањето било легално, убиецот имал дозвола за него, која ја добил на 28 април. Станува збор за ловечка пушка „хацан“, модел „ескорт ПС“.
Од неговите изјави може да се заклучи дека тој бил муслимански религиозен фанатик кој на полицијата и рекол дека мрази сè, и тој дошол во училиштето за сите да знаат дека „тој е бог“.
Честопати посочувал дека е роден на денот на терористичката акција во Њујорк на 11 септември 2001 година. Познаниците на Илназ велат дека тој претходно не давал изјави, врз основа на кои може да се заклучи дека подготвува терористичка акција. Живеел со неговите родители и постариот брат во зграда на улицата Туганлик во Казан.
Истражителите на новинарите им објавиле видео од истрагата, покажувајќи го неговото признание.
Убиецот тврди дека по масакрот сакал да се самоубие. Само неколку часа пред да го изврши ова ужасно злосторство, Галјавиев на социјалните мрежи напишал дека тој е бог, дека треба да го следат други луѓе и дека има намера да убива „биолошко ѓубре“.
– Пред два месеци станав свесен дека сум бог. Прво и реков на мајка ми. Сега мислам дека немам мајка и татко. Јас се откажувам од сите нив. Жената што ме роди не е мајка ми – рекол убиецот кој цело време пцуел за време на испрашувањето.
Тој на полицијата и рекол дека во неговата куќа поставил експлозив, но полицијата не го пронашла при подоцнежниот претрес.
Таткото и мајката на убиецот вчера беа во шок, не верувајќи во она што нивниот син го сторил.
Илназ Галјавиев бил студент на четврта година на колеџот ТИСБИ, но е избркан поради лошо однесување, а секоја врска со него била изгубена од 13 април. Тој дури и не се пријавил да полага испити. Како и многу други, тој студирал „од далечина“ поради короната.
Но, во неговата карактеризација е напишано дека тој бил мирен и послушен и без штетни навики, а на колеџ велат дека бил тивок и неконфликтен и дека „со почит се однесувал кон неговите колеги студенти и наставници“.
Неименуван полициски извор изјави дека одмаздата може да биде мотив за нападот. „Според првичните податоци, младиот човек започнал да пука од одмазда и омраза“, рекол изворот.
https://twitter.com/i/status/1392028285668888576