Aнастасија има само 29 килограми на 176 см висина: „Бев еднаш заљубена, но не смеев да признаам“

by Тони Зографски

На Анастасија Голубева ѝ се чинело дека не е доволно слаба за да стане популарна во училиштето. Тогаш, како тинејџерка, го направила првиот чекор кон радикална диета — одлука што денес ја довела до борба со сериозни здравствени проблеми.

Денес, со само 29 килограми и висина од 176 сантиметри, Анастасија Голубева ѝ се обратила на јавноста затоа што повеќе не може сама да се справи со последиците од своите одлуки за диета и идејата дека мора да губи килограми, што ја одвеле во сериозен проблем со исхраната.

Лекарите ширум светот сè погласно предупредуваат: бројот на млади пациенти кои страдаат од нарушувања во исхраната од година во година драматично расте. Под притисок на совршено обработени фотографии на познати личности на интернет, девојките често влегуваат во опасна трка за идеална фигура — честопати избирајќи екстремни диети или целосно гладување.

„Бев совршена“

„Бев сосема здрава до шеснаесеттата година,“ раскажува Анастасија. До тогаш била слаба, но ништо загрижувачко. Сепак, сè се сменило кога со родителите се преселила во нов град. Во обид да стекне популарност меѓу новите врсници, одлучила дека мора да ослабе.

„Кога денес ги гледам тие фотографии, сфаќам дека бев совршена. Жал ми е за себеси, бидејќи наместо да уживам во младоста, поминав години во постојани одрекувања,“ искрено вели таа.

Нејзиниот начин на исхрана бил повеќе од сиромашен: пет праски и едно кутивче свежо сирење ѝ биле целодневен оброк. „Така се хранам и денес,“ признава.

Иако килограмите паѓале, чувството дека не е доволно слаба не исчезнало. Пред една година завршила во болница, каде со помош на лекари успеала да ја зголеми тежината и да достигне 48 килограми. Но, штом се вратила дома, сè се вратило по старо. Повторно се убедила дека е „предебела“ и за само четири месеци изгубила дури 19 килограми.

Лекарите успеаја физички да ме стабилизираат, но психичкиот проблем не исчезна,“ искрена е Анастасија.

Не може ниту нормално да јаде

Нејзиниот организам е исцрпен до крајни граници. Бидејќи речиси нема масна маса, на Анастасија ѝ е постојано ладно. Носење две дуксери одеднаш станало секојдневие, а топлиот чај, кафето или дури и обичната врела вода — задолжителни сопатници.

Здравјето ѝ е сериозно нарушено. Менструалниот циклус одамна изостанува, кожата ѝ се лупи од недостаток на витамини, органите слабо функционираат, а дури и станувањето од кревет претставува вистински предизвик.

„Се трудам да јадам бавно, затоа што ми е тешко да џвакам. Немам мускули. Ако се загрцнам, можам да се задушам, бидејќи ми е тешко да искашлам,“ признава.

На улица, вели, се соочува со разни погледи и коментари. Неретко минувачи ѝ покажуваат со прст, ѝ добацуваат, а имало и ситуации кога ја плукале. На такви реакции, вели, сè уште не знае како да одговори. „Знам само дека личноста која тоа го прави мора да има сериозен проблем во животот.“

Семејните односи, исто така, се распаднале. Нејзината мајка, која на почетокот се обидувала да ѝ помогне, сега е далеку. Веќе половина година Анастасија не разговара со никого од семејството. Останала сосема сама.

Пријатели нема, а љубовен живот уште помалку. „Еднаш се вљубив, но не се осмелив да признаам. И онака мислам дека мажите чувствуваат само гадење кога ме гледаат.“

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com