Ресторанот „Ботин“ во Мадрид, Шпанија, е основан 1725 година, па и Гинисовата книга на рекорди го призна како најстар ресторан во светот којшто сѐ уште работи. А, една од најуникатните одлики на оваа гостилница е печката, којашто работи постојано, веќе 298 години.
– Тоа е нашиот скапоцен камен… На нашата круна!, рече заменик-управителот, Луис Хавиер Санчез, кој работи во ресторанот повеќе од 45 години. – Никогаш не ја исклучуваме. Таа мора да биде жешка навечер и подготвена за печење наутро. Затоа никогаш не смееме да ја исклучиме. Внатре има посебна арома, навистина е неверојатно!
Подеднакво е неверојатно колку Ботин е посветен на одржување на храната која ја служи. Иако Санчез го опишува винскиот подрум како „историја која дише“ на некој начин, храната има за цел да има вкус на историја, при што секој готвач учи од својот претходник, а потоа ги пренесува рецептите на следните генерации.
„Нашите рецепти се многу стари, датираат од времето кога нашите дедовци го основале ресторанот“, додал тој.
„Оттогаш сме верни на тие рецепти“.
Сепак, ресторанот „Ботин“ не е „целосно заглавен“ во минатото – има и своја интернет-страница, како и сите потребни профили на социјалните мрежи.
Исто така, на „TripAdvisor“ луѓето можат да оставаат рецензии како шеговити досетки: „Ех, сум слушнал дека ова место го достигнало својот врв дамнешната 1831 година“.