Косовската полиција потврди дека на 30 ноември бремена жена на возраст од околу 35 години, која дошла на оваа клиника да се породи, била убиена со неколку куршуми пред Клиниката за гинекологија.
Полицијата соопшти дека околу 18.00 часот добила информација дека во дворот на Универзитетскиот клинички центар на Косово е пронајдено мртво тело.
„Во моментов полицијата во координација со државниот обвинител започна истрага и продолжува со преземање на сите истражни дејствија, со цел целосно расветлување на настанот“, се наведува во соопштението на косовската полиција.
Полицијата се уште не соопштува дали уапсила осомничени за овој инцидент.
Ова е втора жена која е убиена во последните денови на Косово, откако на 25 ноември беше објавено дека маж си ја убил сопругата со секира. Настанот се случил исто во Приштина.
На 25 ноември во Косово започна кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ организирана од Министерството за правда.
Бројот на случаи на семејно насилство во Косово е зголемен во последните години.
Според податоците на косовската полиција во текот на 2020 година на Косово се евидентирани 2.069 случаи на семејно насилство, додека во 2021 година се евидентирани 2.456 случаи.