Големи промени се воведуваат на најголемото музичко натпреварување во Европа. Европската радиодифузна унија (ЕБУ) која го организира натпреварот, соопшти дека новите правила ќе се применуваат од следното натпреварување кое ќе се одржи во мај 2023 година во Ливерпул.
Отсега само гласовите на гледачите ќе одлучуваат кои земји ќе се квалификуваат од полуфиналето во финалето, а не со комбинација на гласови од жирито и јавноста како што беше од 2009 година. Гледачите во земјите што не учествуваат ќе можат да гласаат онлајн.
Професионалните судии од музичката индустрија ќе останат за големото финале, но целосната контрола за тоа кој ќе стигне таму од полуфиналето е предадена на публиката која гледа. И за прв пат досега, гледачите од земјите кои не учествуваат ќе можат да гласаат и за нивните омилени песни.
Мартин Остердал, извршен супервизор на Евровизија, ги коментираше промените.
– Во текот на својата 67-годишна историја, Изборот за песна на Евровизија постојано еволуираше за да остане релевантен и возбудлив. Овие промени ја потврдуваат огромната популарност на шоуто давајќи и поголема моќ на публиката на најголемиот светски музички настан во живо. Во 2023 година, само гледачите на Евровизија ќе одлучат кои земји ќе влезат во големото финале и, како одраз на глобалното влијание на настанот, секој што го гледа шоуто, каде и да живее во светот, може да го даде својот глас за своите омилени песни. Со вклучување на жири од музички професионалци во одлучувањето за конечниот резултат, сите песни во Големото финале може да се оценуваат според најшироки можни критериуми. Можеме да ја одржиме и традицијата на патување низ Европа и Австралија за да собираме поени и да обезбедиме возбудлива низа на гласање со победникот откриен дури на самиот крај на шоуто, рече тој.
Оние што ја гледаат Евровизија во остатокот од светот ќе можат да гласаат преку безбедна онлајн платформа користејќи кредитна картичка од нивната земја, а нивните гласови, кога ќе се соберат, ќе се претворат во поени што ќе имаат иста тежина како една земја-учесник. Публиката во сите земји-учеснички сепак ќе може да гласа преку СМС, телефон или преку апликацијата за песна на Евровизија.
Црна Гора и Северна Македонија претходно потврдија дека се повлекуваат од Евровизија. Да не се сменеа правилата, гледачите од овие земји немаше да можат да гласаат за песните што се натпреваруваат на Евровизија, но веќе не е така. Па домашната јавност, иако не сме учесници, ќе може да гласа за своите фаворити.