Полицијата во северозападниот дел на Ајдахо сè уште трага по убиецот на четворица студенти од Универзитетот во Ајдахо чии тела биле пронајдени во дом во близина на кампусот.
Жртвите се Итан Чапин (20), Медисон Моген (21), Ксана Кернодл (20) и Кејли Гонкалвес (21).
Во текот на истрагата, полицијата утврдила дека ноќта кон саботата на 12 ноември, Гонкалвес и Моген излегле во блискиот бар и се вратиле дома во 01:45 часот. Чапин и Кернодл, кои биле во врска, исто така излегле во саботата навечер и во слично време се вратиле дома. Чапин не живеел во куќата со студентките, туку решил да преноќи во куќа на една девојка.
Во саботата вечерта излегле и уште двајца цимери, кои го преживеале нападот и не се осомничени за убиствата и се вратиле дома до 1 часот по полноќ. Полицијата смета дека студентите биле убиени во куќата меѓу 3 и 4 часот наутро на 13 ноември. Двајцата преживеани цимери биле во подрумската соба и спиеле за време на убиството.
Кога се разбудиле, побарале еден од нивните пријатели и го нашле во несвест и повикале 911. Кога полицијата пристигнала во куќата, на вториот и третиот кат затекнала четири жртви. Обдукцијата покажала дека студентите биле избодени повеќе пати и дека немало траги на сексуално насилство, пишува ABC News.
Засега не се знае кој стои зад овие убиства, ниту е пронајден ножот со кој убиецот ги избодел студентите. Инцидентот се случил неколку часа пред пукањето на Универзитетот во Вирџинија во Шарлотсвил, во кое загинаа три лица, а уште две се ранети.