Апсењето на жена во виолетова блуза, осомничена за експозијата во Истанбул, е прикажано на снимка од полициската акција што ја објавија турските медиуми. „Ројтерс“ објави дека станува збор за сириска државјанка, додека на снимката прикажана во медиумите се забележува како инспекторите вршат претрес во одредена куќа и ја приведуваат осомничената.
Се верува дека токму таа стои зад вчерашниот бомбашки напад на познатата истанбулска улица „Истиклал“ во кој загинаа шест лица, а 81 се повредени. Во големата полициска акција се приведени вкупно 46 лица. Во првичното испитување, жената кажала дека била обучена од курдските милитанти и влегла во Турција од северозападна Сирија, соопшти полицијата.
– Лицето кое го изврши нападот, сириската државјанка Ахлам Албашир, беше фатена жива. При сослушувањето, таа призна дека била обучена како специјален разузнавач од терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ и дека илегално влегла во Турција преку Африн-Идлиб за да ја спроведе акцијата – соопшти истанбулската полиција.
Албашир наводно наредбата за нападот ја добила од штабот на терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ во Кобане, Сирија. Таа признала дека го извршила нападот вчера околу 16.20 часот по локално време и побегнала.
Турските власти сметаат дека наредбата за нападот дошла од сирискиот град Кобане.
– Проценивме дека инструкциите за нападот дошле од Кобане – кажа турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, обвинувајќи ги курдските екстремисти од градот во северозападна Сирија за терористичкиот акт.
Турските сили во Кобане спроведуваа воени операции против сириската курдска милиција, позната како Единицата за заштита на народот (ЈПГ) во изминатите неколку години.
Ваквите тврдења потсетија на слични бомбашки напади во Истанбул извршени од курдски групи во периодот помеѓу 2015 и 2017 година. Авенијата „Истиклал“ беше цел на терористички напад и во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39. Турската влада тогаш соопшти дека напаѓачот е поврзан со Исламска држава, но организацијата не презеде одговорност.
The bomber in Istiklal Street fleeing after detonating the bomb in this footage. #Istanbul pic.twitter.com/f2cTKrWHEN
— Ragıp Soylu (@ragipsoylu) November 14, 2022