Поротата во Тексас ја осуди 29-годишната Тејлор Паркер на смртна казна откако е прогласена за виновна за убиството на Реган Симонс-Хенкок минатиот месец.
Во октомври 2020 година, Тејлор ја убила 21-годишната Реган, која во тоа време била бремена во 35 недела, пишува Sky News.
Тејлор ја удрила жртвата со тупаница по главата и ја расекла пред да направи засек за да го извади бебето. Бебето не преживеало. Обвинителите потврдија дека Реган била жива извесно време по нападот, кој се случил во нејзиниот дом, каде во тоа време била нејзината 3-годишна ќерка.
„Моето дете беше живо и сè уште се бореше за своите бебиња кога вие ја растргнавте и го искинавте бебето од нејзиниот стомак“, рекла мајката на Реган. Убиството се случило во Њу Бостон, на околу 250 километри североисточно од Далас.
Паркер била приведена истото утро поради пребрзо возење и скршнување на патот. Полицијата го пронашла бебето со папочната врвца во нејзиниот скут, оставајќи впечаток дека штотуку се породила. Дури по пристигнувањето во болницата била откриена вистинската причина.
Обвинителите изјавиле дека пред убиството Тејлор се преправала дека е бремена, лажирала ултразвук и имала забава за откривање на полот на непостоечко бебе. Хомер Хенкок, сопругот на жртвата, изјавил дека неговата сопруга била пријателка со убиецот и дека Тејлор ги фотографирала на нивната свадба и свршувачка.
Адвокатите на одбраната укажале на одговорноста на семејството и пријателите кои не се соочиле со Тејлор кога таа почнала да ја лажира својата бременост. За време на завршните зборови, обвинителите ѝ покажале на поротата фотографија од местото на злосторството. Поротата можела да ја осуди Тејлор на доживотен затвор без можност за условно ослободување, но наместо тоа одлучиле за смртна казна. Адвокатот на осудената изјавил дека планираат да поднесат жалба.