Престижната американска медиумска компанија US News & World Report го прогласи медитеранскиот начин на исхрана, односно медитеранската исхрана за најдобра во светот, еве зошто.
Не се работи за преференцијален избор, бидејќи за целите на создавање листа на најдобри режими на исхрана во светот, група од 27 експерти испитале 40 диети и ги класифицирале во неколку категории.
Од тоа колку е лесно да се следи диетата, потоа колку е веројатно корисникот да изгуби значителна тежина (краткорочно и долгорочно), колку е ефикасна диетата во спречувањето на кардиоваскуларни болести или дијабетес и нутриционистичкиот интегритет на исхраната.
Не постои единствена идеална медитеранска диета. Секоја од медитеранските земји има своја култура и уникатни рецепти, но сите тие споделуваат некои кулинарски трендови и разновидна храна која вклучува цели зрна, овошје, зеленчук, мешунки, јаткасти плодови, умерени количини риба и црвено вино. Треба да се нагласи дека медитеранската исхрана е концепт кој всушност не е диета сама по себе, туку начин на живот заснован на разновидна храна.
Многу студии ја поврзуваат оваа традиционална исхрана со корисни ефекти врз здравјето на луѓето. Практикувањето на медитеранската исхрана ги зголемува шансите за подобрување на здравјето. Многу истражувања потврдуваат дека овој начин на исхрана може да спречи кардиоваскуларни болести, некои форми на рак и дијабетес. Медитеранската исхрана се препорачува и како терапија за разни хронични болести бидејќи ја подобрува контролата на метаболичките параметри како гликемија или висок крвен притисок.
Многу е важно да се напомене дека ниту една храна не е здрава во прекумерни количини. Медитеранската исхрана е всушност концепт на правилна исхрана, заснован на: разновидност, умереност и рамнотежа. Типичната медитеранска исхрана поттикнува внес на цели зрна, шарени овошја и зеленчук, омега-3 масни киселини од риба и јаткасти плодови, внесување влакна и дозволува повремено уживање.
Но, што е со модерното време? Дали се случува луѓето сè помалку да ја практикуваат медитеранската исхрана?
Глобализацијата директно влијае на медитеранската исхрана како стил на исхрана. Нејзината вредност на наследството е загрозена и токму поради тоа УНЕСКО ја прогласи за нематеријално културно наследство.
Освен во самата храна, дел од здравствената тајна на овој начин на исхрана е и во самата подготовка, но и во употребата на маслиново масло при готвењето. Маслиновото масло е основното масло во медитеранската кујна. Се користи во речиси сите рецепти за кои е потребен извор на маснотии, а е сосема безбеден за употреба поради неговата оксидативна стабилност.
Иако многу луѓе веруваат дека јадењето „здраво“ може да биде скапо, тоа не мора да е точно. Всушност, практикувањето на правилна, разновидна исхрана може да ви заштеди пари на долг рок.