М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Довербата се гради и одржува и е многу важна во сите видови врски – романтични, пријателски, односи родител-дете. Повеќето од нас, барем еднаш во животот, биле изневерени од особа на која сме и верувале. Тоа може да води да имаме “проблем со довербата”, тешко им веруваме на другите.
Во зависност од тоа како сме растеле и како сме воспитани имаме различен стил на приврзаност што влијае на нашата способност да им веруваме на другите.
Минатото не можеме да го промениме, но можеме да ја промениме иднината. Прв чекор е да разбереме зошто го имаме проблемот и да работиме на довербата во себе.
Довербата е незаменлив елемент на односите, со довербата не треба да се прави компрмис. Двете страни треба активно да работат за да обезбедат доверба во врската.
Како да се справиме со односот кога довербата е нарушена?
Разговарајте за тоа – понекогаш има моменти кога чувствуваме дека не можеме да веруваме на партнерот поради доцна враќање дома, поминување долго време на телефон, неприсутност со мислите или едноставно така се чувствуваме (gut feeling). Ако го игнорираме чувството нема да исчезне туку ќе се натрупува и сé повеќе ќе му замеруваме на партнерот, пријателот. Наместо тоа, разговарајте, кажете како нивното однесување влијае на вас и дајте им можност да ви објаснат.
Бидете искрени – бескорисно е да се разговара со партнерот доколку и двајцата не сте искрени за тоа како се чувствувате и за фактите на настаните. Кога знаете дека партнерот секогаш е искрен полесно е да верувате во тоа што ќе ви каже и полесно да се справите со недовербата.
Одржувајте ги ветувањата – ако често се прекршуваат ветувањата доверба не може да се изгради и одржи. Тоа води до повредување и недоверба од двете страни. Ако не успевате да го исполните ветеното на партнерот му давате причина да не ви верува. И нема да ви верува дури и кога ḱе ја кажувате вистината.
Не судете – ако очекувате од партнерот да биде искрен треба да создадете атмосфера во која ќе може да биде искрен без да биде осудуван. Бидете подготвени да го прифатите тоа што ќе го каже партнерот. Можеби не е она што сакате да го слушнете, но ќе биде вистината што треба да ја прифатите.
Цврсти граници – важно е двете страни да постават и да ги знаат своите граници. И двете страни треба да работат на почитување на тие граници. Границите овозможуваат сите во врската да се чувствуваат удобно знаејќи дека партнерот ги знае и почитува границите што ги има.
Преземете одговорност – понекогаш се заплеткуваме. Треба да можеме да признаеме и да преземеме одговорност за грешката, а потоа да бараме прошка од другата страна. За многумина ова е тешко и често окривуваме други особи или околности што довеле да направиме грешка. Не признаваме дека сме погрешиле и се обидуваме да го убедиме партнерот дека доколку околностите биле поинакви немало да ја направиме грешката.