Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека денеска се разговарало за планот на Франција и Германија во однос на Косово. Тој денеска повторно ги презентираше деталите од документот што ѝ беше понуден на Србија.
„Денеска на седницата разговаравме за француско-германскиот предлог поддржан од САД и во рок од 24 часа ги информиравме за одговорот што го подготвивме. Ќе им испратиме одговор во рок од 24 часа. Подготвени сме да продолжиме со преговорите, но има работи кои не сме подготвени да ги прифатиме и ги запознавме нивните претставници со тој план. Не би навлегувал во детали“, рече тој.
Вучиќ рече дека во планот, кој ѝ бил понуден на Србија, се наведува дека „страните се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет се основните услови за мир“.
„И пазете – двете страни ќе се водат од целите и принципите претставени во повелбите на ОН, особено оние поврзани со сувереното единство на сите држави, почитувањето на нивната независност, автономија и територијален интегритет. И се прашувате дали некој се шегува или што? И бараат од нас да ги погазиме тие принципи за да дојдеме до нивните принципи? А ако не биде така, тогаш следи тежок ќотек, па добро“, рече тој.
За потсетување, Вучиќ на почетокот на октомври изјави дека пристигнал предлог за завршување на преговорите со Приштина, а зад него стојат Франција и Германија. Според него, Србија би можела да смета на забрзано членство во ЕУ доколку не го блокира членството на Косово во меѓународните институции.