Двајца француски државјани се обвинети дека во четвртокот околу 1:30 часот украле гондола од станицата Академија, покрај истоимениот мост, за да се прошетаат по Канал Гранде.
Сопственикот на гондолата Џорџо Боњоло рече дека крадците ги фрлиле во каналот работите што биле внатре во гондолата – ќебиња, перници, украси и други предмети во вредност од неколку стотици евра – пред да побегнат.
Тој рече дека крадците биле уапсени кога тројца локални жители во чамец што минувал ја забележале гондолата како оди цик-цак напред-назад преку каналот и сфатиле дека нешто не е во ред.
„Ја користеле како кану, но гондолата не е кану“
Покрај потенцијалните кривични пријави за кривично дело кражба, шегобијците се соочуваат и со граѓанска тужба за оштета од сопственикот на гондолата.
Гондолиерот за CNN изјави дека добил повик во 3:10 часот од полицијата, која го идентификувала чамецот како негов.
„Ја користеле како кану, но гондолата не е кану – не оди директно напред“, објасни тој. „Гондолата не е лесна за управување, таа се движи ваму-таму и застанува. Веслате стоејќи, со форкола“, рече тој, мислејќи на закривеното парче дрво во кое собира едно весло.
„Тројца момци веднаш видоа дека е украдена, ги запреа и повикаа полиција, ми ја спасија гондолата, инаку којзнае каде ќе завршеше до сабајле“
Гондолата вреди 60.000 евра
Боњоло рече дека двајцата туристи, на возраст од 30 години, се смееле додека тој одел да ја идентификува нивната гондола, која завршила до музејот Гугенхајм, на неколку стотини метри од местото каде што била украдена.
Гондолите не се евтини чамци за масовно производство.
Боњоло вели дека неговата рачно изрезбана гондола чинела 60.000 евра, а троши 3.000 евра за повторно бојадисување секоја година.