Седум деца, кои биле спасени од насилно семејство во Тексас раскажаа како нивната мајка ги мачела со години – тепајќи ги со прачка, принудувајќи ги да јадат измет и да пијат белило.
16-годишните близнаци, момче и девојче, во вторникот успеале да побегнат од семејната куќа во Хјустон, Тексас и да побараат помош од соседите. Кога мајката Заикија Данкан (40) и нејзиното момче Јова Терел (27) дознале дека децата успеале да побегнат, ја напуштиле куќата. Но, полицијата набрзо ги уапсила.
Близнаците изјавиле дека нивната мајка ги врзала со лисици и синџири. Фотографиите покажуваат како 16-годишниците имаат исеченици, модринки и лузни на зглобовите и глуждовите.
Момчето рекло дека клучот од лисиците го нашол во чантата на мајка си и го сокрил во устата, а потоа побегнал од куќата пред зори. Останатите пет деца на Данкан, на возраст меѓу седум и 14 години, биле преземени од социјалните служби. Четворица биле пренесени кај роднини во Луизијана, а петтото останало во објектот.
Таткото на децата, Николас Менина, фотограф и водач на евангелистичка баптистичка црква, кој живее во Батон Руж со неговата сопруга, изјавил за Дејли Меил дека не сака да го коментира случајот.
Обвинението дава ужасни детали за долгогодишна злоупотреба. 16-годишното момче им кажало на инспекторите дека неговата мајка еднаш му дала 24 таблети за настинка и алергија за да може да спие. Препорачаната доза е една до две таблети на секои шест часа, а најмногу 12 за 24 часа.
Децата исто така рекле дека Данкан им истурала белило во грлото и на нивните гениталии додека кожата не им изгорела. Доколку „зборувале премногу“, морале како казна да пијат средства за чистење.
Данкан им забранила на децата да користат бања и морале сами да вршат нужда, по што ги терала да ја пијат сопствената урина и да го јадат изметот.
Децата кажале и дека мајка им често ги тепала со кабли и метални прачки. Нејзиното момче Терел често го удирал 16-годишното девојче.
Кога близнаците избегале во вторникот, биле сериозно неухранети. Рекле дека мајка им ги изгладнувала и ги хранела со сендвичи само еден до три пати неделно.
Семејството оваа година се преселило во близина на Хјустон во огромна куќа, која била продадена кон крајот на јули и била проценета помеѓу 552.001 и 627.000 долари. Полицијата допрва треба да утврди дали Данкан и нејзиното момче го купиле или изнајмиле имотот.
Куќата има четири спални соби, три бањи, дневна и трпезарија, покриена тераса, гаража за две коли и пристап до базен.
Данкан веќе била обвинета за злоупотреба на деца пред 10 години. На училиште забележале дека нејзиното 5-годишно дете има изгореници на стапалата, гениталиите и други делови од телото и го испратиле во болница.
Кога полицијата пристигнала во домот на Заикије Данкан, го пронашла 20-месечното дете со врзани раце и завиткано во облека. Единствено друго лице во куќата бил четиригодишниот брат на детето.
Данкан потоа ѝ признала на полицијата дека редовно дисциплинирала едно дете со тоа што го терала да седи во положба за склекови еден час, поради што неговите раце отекле. Го терала и да спие на дното од шкафот, а вратот му го блокирала со даски за да не може да избега и да украде храна од кујната.
Таа е обвинета за сурово однесување кон малолетници, но на крајот ѝ биле вратени децата.