Еден од моделите одговорен за легендата за издржливоста на автомобилите Мерцедес.
Речиси сите ќе се согласат дека Мерцедес „W124“ е веројатно најдобриот модел на германскиот производител во однос на квалитетот, ако не и најдобриот автомобил во неговата ера.
Ако ништо друго, тоа ќе го потврдат бројните таксисти кои без проблем поминале половина милион, а некои и повеќе од милион километри со овие автомобили.
И апсолутно е неважно кој мотор е во прашање. За разлика од, на пример, американскиот маратонец, „Ford Crown Victoria“, овде основниот дволитарски дизел ја врши работата повеќе од солидно.
Најдобар доказ за тоа доаѓа од Албанија, каде локалниот таксист Луан Нина успеал да помине речиси 1,6 милиони километри со Мерцедес од 1993 година. 70-годишниот таксист го увезол автомобилот од Германија пред 15 години, со околу 600.000 километри на часовникот.
А потоа продолжи да вози со по околу 65.000 километри годишно. И во целиот тој период имал само еден сериозен дефект, оној со дихтунгот на главата на моторот.
Како што пренесува ДВ, ниту таксистот ниту Мерцедес не размислуваат за пензија.
Доколку сакате да возите во овој автомобил, ќе мора да го посетите Драч, вториот по големина албански град, кој се наоѓа на брегот на Јадранското Море.
Инаку, Мерцедес е многу популарен бренд во Албанија. Во моментов на тамошните патишта има 212.000, односно секој трет автомобил во Албанија носи трокрака ѕвезда.