Во центарот на Струга, физичко лице узурпирало државно земјиште и самоволно го обележал просторот, па спротивно на законот наплаќа по 100 денари за паркирање.
Физичкото лице речиси една година заработува на црно, односно нема фискална сметка и нема регистрирана дејност.
„Овде ќе платиш. Дај ми фискална сметка и ќе платам. На црно ќе платиш. Какви фискални, не ми требаат“, се слушнало во видеото на граѓанин испратено до медиумите за нелегaлна наплата на паркинг, пренесува „4news“.
Граѓанинот случајот го пријавил во полиција од каде бил извршен увид, а на терен излегле и инспекциски служби.
„Имаме изречено мерка по закон за нерегистрирана дејност и решение за забрана за вршење дејност во траење од 30 дена“, изјавил Шпенди Илјази, раководител на пазарен инспекторат во Струга во телефонска изјава за „МТВ“.
Надлежните исто така поднеле и пријави и казни, но лицето не се откажувало од јавниот простор и, и натаму нелегално наплаќа паркинг.
Од општина Струга пак велат дека комуналните инспектори биле на терен и изрекле претставка, додека пак од полицијата велат дека ќе биде поднесена соодветна пријава.